Северна Кореја истрела неколку балистички ракети со краток дострел од областа Вонсан кон морето долж нејзиниот источен брег, соопшти Здружениот штаб на Јужна Кореја (JCS).
„Ракетите беа лансирани околу 5:20 часот наутро по локално време и прелетаа околу 250 километри“, објави Здружениот штаб. Јужнокорејските и американските власти спроведуваат детална анализа на нивните карактеристики.
„Уште од самиот почеток, јужнокорејските и американските разузнавачки служби ги следеа лансирањата и разменуваа информации за нив, а податоците за балистичките ракети беа споделени и со Јапонија“, истакнаа од Здружениот штаб.
„Јужнокорејската армија внимателно ги следи активностите на Северна Кореја и, во рамките на заедничкиот одбранбен став со Соединетите Држави, ја одржува способноста и подготвеноста одлучно да одговори на каква било провокација“, се наведува во соопштението на Здружениот штаб.
По лансирањето, Канцеларијата за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател свика итен безбедносен состанок на кој присуствуваа претставници на Министерството за одбрана, Здружениот штаб и други релевантни институции, потврдија од кабинетот на претседателот.
Од кабинетот на претседателот соопштија дека официјални лица го разгледале одговорот на владата, го оцениле влијанието на лансирањето врз безбедноста на Јужна Кореја и ги утврдиле неопходните мерки. Од Северна Кореја беше побарано веднаш да престане со лансирањето балистички ракети.
Американската Индо-пацифичка команда соопшти дека е запознаена со лансирањата и дека тесно соработува со сојузниците и партнерите. Според тековната проценка, лансирањата не претставувале непосредна закана за американскиот персонал, територија или сојузници.
„Соединетите Држави остануваат посветени на одбраната на американската територија и на нашите сојузници во регионот“, објави командата на платформата „Икс“.
Минатиот месец Северна Кореја лансираше повеќе од десетина балистички ракети со краток дострел и ѝ нареди на својата војска да одржува целосна борбена готовност за време на заедничките воени вежби на Јужна Кореја и САД.
Лансирањето во саботата се случи еден ден откако Јужна Кореја, Јапонија и САД ги завршија заедничките воени вежби за проверка на подготвеноста за одговор на заканите од севернокорејското ракетно и нуклеарно оружје.
