Бугарија останува на ставот дека исполнувањето на обврските преземени во рамките на европскиот компромис од 2022 година е клучно за продолжување на евроинтегративниот процес на Македонија. Ова го истакна бугарската министерка за надворешни работи Весислава Петрова, која оцени дека вниманието треба да биде насочено кон реализација на договореното, а не кон отворање нови спорови меѓу двете држави.
Во интервју за бугарски медиуми, Петрова посочи дека Софија го смета прашањето за дел од односите меѓу Европската Унија и земја-кандидат, а не за класичен билатерален спор. Според неа, рамката усвоена во 2022 година останува валидна и претставува основа за напредокот на Македонија на европскиот пат.
Таа оцени дека моменталната геополитичка ситуација создава поволна можност за проширување на Унијата и ги повика македонските власти да ја искористат шансата, посочувајќи дека други земји од регионот веќе бележат напредок во преговарачкиот процес.
Позицијата на Софија беше повторена и по неодамнешната средба меѓу Петрова и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски. Од бугарска страна тогаш беше нагласено дека спроведувањето на договорените обврски е предуслов за натамошен напредок кон членство во ЕУ.
Во Македонија, пак, државниот врв останува на ставот дека евроинтеграциите не смеат да бидат условени со прашања што се однесуваат на националниот идентитет, јазикот и историското наследство. Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати истакна дека нема да прифати решенија што би значеле нови идентитетски отстапки.
Во пресрет на новите дипломатски активности меѓу Скопје, Софија и Брисел, останува неизвесно дали ќе се најде заеднички пристап што ќе овозможи деблокирање на процесот. Засега, ставовите на двете страни остануваат непроменети, а европската перспектива на земјата и понатаму е тесно поврзана со решавањето на отворените прашања.
