(ВИДЕО) Апасиев: Ќе поднесеме втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Од:

Левица ќе поднесе втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција изјави дека состојбата во МВР дополнително се влошила, а институцијата наместо професионален сервис, станала „приватна партиска полиција“.

„Сметаме дека оваа година проблемите во МВР не само што не се решија, туку и се наталожија. Како држава која е над европскиот просек по бројот на полицајци по глава на жител, сметаме дека перформансите кои ги покажува и министерот и полицијата се неприфатливи за едно демократско општество“, рече Апасиев.

Тој посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области, а меѓу главните обвинувања се саботирање на истраги и несоработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Алудираме на несоработката во случајот со шпионажа кај највисокиот државен врв, непостапување за откривање криминал со надзорот во Бехтел и Енка, како и непостапување кај дивоградбите во Чаир“, изјави лидерот на Левица.

Апасиев ја обвини полицијата и за селективно постапување и политички мотивирани одлуки, посочувајќи го случајот со Артан Груби, како и прекинатата постапка за увозот на канцероген мазут.

„Третата глава се однесува на креирање приватна партиска полиција или познатата ‘ВМР-МВР’ од прислушуваните разговори“, рече тој, додавајќи дека во интерпелацијата се опфатени и полициските пропусти поврзани со трагедијата во Кочани.

Во делот за непостапување при насилство и говор на омраза, Апасиев ги спомена случаите со семејно насилство, фемицид и врсничко насилство во училиштата.

„Имаме еклатантни прекршувања од страна на полицијата во повеќе случаи, вклучително и непроцесуирање на повици за силување и сексистички коментари“, изјави тој.

Лидерот на Левица обвини и за двојни стандарди во полициското постапување.

„Алудираме на приведувањето поради истакнување палестинско знаме на спортски натпревар, а неприведување при палење македонско знаме и свиркање на македонската химна“, рече Апасиев.

Во последниот дел од интерпелацијата, како што посочи, се отвора прашањето за судир на интереси и сомнителни тендери поврзани со министерот Тошковски.

„Министерот ќе треба да одговори за адвокатско-тужбените шеми кои ги имал пред да стане министер, како и за сомнителните тендери и фантом фирми“, изјави Апасиев.

Тој најави дека интерпелацијата ќе биде поднесена веднаш по прес-конференцијата и дека сите точки детално ќе бидат образложени пред пратениците.

Би можело да ве интересира

Левица: Пливачите ја плаќаат цената за криминалните концесии на власта

Левица: Две години МВР со Тошковски не постапува за криминалот со надзорот на Бехтел и Енка

Муцунски и Мицкоски да се огласат по предлогот на Мерц, бара Левица

Катерина Ѓуровски

Левица: ​​Пропадна и вториот тендер за ветените автобуси на Орце – голготата на скопјани продолжува

Левица: Зошто државниот обвинител Савески не ги користи своите овластувања за случајот „Мазут”

Левица бара разрешување на вицепремиерот Арбен Фетаи