Вработени во секторот игри на среќа денеска одржаа предупредувачки протест во трговскиот центар „Лептокарија“ во Скопје, организиран од Здружението „Сакам да работам“, поради предложените измени на Законот за игри на среќа.

Тие обвинија дека Владата го подготвила законското решение без консултации со вработените и предупредија дека доколку се усвои предложената дистанца од 500 метри од училишта и други објекти, тоа практично ќе значи затворање на легалните објекти за игри на среќа.
„Оваа локација е доказ дека предлогот за дистанца од 500 метри значи затворање на легалните објекти. Затоа сме тука како прво предупредување за тоа што ќе следи“, изјави Оливера Костова, претставник на здружението.
Според неа, со евентуалното усвојување на законот без измени, околу 10.000 вработени би останале без работа.
„Тоа значи дека заедно со нашите семејства ќе има 35.000 нови кандидати за иселување од државата. Тоа е социјална бомба“, рече Костова.

Таа додаде дека вработените се обучени според европски и светски стандарди и предупреди дека затворањето на легалниот сектор ќе отвори простор за нелегално организирање игри на среќа.
„Закана за младите не се легалните објекти, туку можноста игрите на среќа да се преселат во нелегални играчници по подруми, каде државата нема да има контрола“, рече таа.

Претставникот на здружението Стеван Крстевски изјави дека вработените осум години се „жртви на политички пресметки“ и живеат во постојан страв за својата егзистенција.
„Ова денеска е само предупредувачки собир. Ако Владата итно не најде решение за нашите работни места, масовно ќе излеземе на улица со нашите семејства, сè додека не бидеме сфатени сериозно“, изјави Крстевски.

Тој порача дека вработените нема да дозволат „преку ноќ да бидат избркани на улица“ и најави можни блокади низ државата доколку нивните барања не бидат слушнати.
