Од 14 јули започнува примената на новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат се воведува законска рамка за организирање на giveaway игри. Според Министерството за финансии, организаторите ќе мора да обезбедат дозвола, да платат надоместок од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд и да ги објават правилата и резултатите од играта.
Дозволата ќе се добива по поднесување барање до Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред почетокот на играта. Организаторите ќе треба да достават документација, меѓу која правила на играта, докази за потеклото на наградите, документи за регистрација и потврди за подмирени јавни давачки, а за правните лица и потврди дека немаат забрани за приредување игри на среќа.
Законот предвидува организаторот во рок од три дена по добивањето на дозволата да го уплати надоместокот од 18 проценти од наградниот фонд. Во спротивно, дозволата ќе биде одземена.
Дополнително, правилата на giveaway играта ќе мора јавно да бидат објавени пред нејзиното започнување, а добитниците најдоцна три дена по извлекувањето. Наградите ќе треба да бидат доделени во рок определен со правилата, но не подолг од 60 дена од објавувањето на резултатите.
Законот пропишува и задолжителна содржина на правилата, вклучувајќи податоци за организаторот, условите за учество, начинот на избор на добитници, вредноста на наградите, постапката за приговор и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства.
Една giveaway игра нема да може да трае подолго од една година.
Со новото законско решение за првпат се дефинира и самиот поим „giveaway“ како игра на среќа во која влогот за учество се состои од активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, организирана со цел рекламирање производи или услуги преку интернет, мобилни уреди или други платформи.
Министерството за финансии оценува дека со новите правила се воведуваат поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците, како и јасни обврски за организаторите на ваквите промотивни игри.
