Граѓански организации апелираат до пратениците да не ги поддржат измените на Законот за игри на среќа

Од:

Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост, Македонската платформа против сиромаштија и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство упатија апел до пратениците да не ги поддржат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри.

Според нив, со измените од законското решение се бришат граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст како организации што можат да добиваат средства за работа со ранливи категории граѓани.

„Ова не е само техничка измена, туку сериозен преседан кој може да има долгорочни последици врз граѓанското општество, заштитата на ранливите категории и демократијата во Северна Македонија“, се наведува во реакцијата.

Организациите потсетуваат дека со децении обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други ранливи категории, преку советувалишта, дневни центри, шелтер-центри и други услуги.

Тие предупредуваат дека предложените измени отвораат ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, како и без гаранција дека ќе стигнат до организации со искуство и експертиза.

„Доколку постојат слабости во досегашниот систем, решението не е бришење на граѓанските организации од законот, туку воспоставување потранспарентен и поотчетен систем со јавни повици, јасни критериуми, независна евалуација и редовен мониторинг“, велат организациите.

Тие бараат од пратениците јавно образложение од предлагачите на законот за причините поради кои граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст се бришат од законското решение.

Во апелот се оценува дека исклучувањето на граѓанскиот сектор од законите е „опасен сигнал“ и отвора прашања за стеснување на просторот за граѓанско дејствување и оддалечување од демократските стандарди и европскиот пат.

Организациите ги повикуваат пратениците да не ги поддржат измените во сегашната форма, да побараат нивно повлекување или измена, како и да организираат јавна расправа и консултации со релевантните чинители.

Дополнително, тие бараат воспоставување транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата, заснован на јавни повици, јасни критериуми и реалните потреби на граѓаните.

Би можело да ве интересира

АПИС и АСОМ бараат јавна расправа за предлог Законот за игри на среќа

Катерина Ѓуровски

„Сакам да работам“ одржа предупредувачки, но најави масовни протести ако се усвои новиот Закон за игри на среќа

АСОМ до пратениците: Не поддржувајте закон кој ќе остави на улица 10.000 луѓе

„Сакам да работам“ до пратениците: Излегуваме на протести во одбрана на вистината!

АСОМ: Никогаш не сме биле дел од процесот на изработка на новиот предлог закон

Катерина Ѓуровски

„Сакам да работам“ до премиерот: Зарем сега нема ред и дисциплина кога постоечката регулатива за игрите на среќа е една од најстрогите во регионот и пошироко

Катерина Ѓуровски