Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека главниот услов на Украина за склучување мировен договор со Русија е Киев да не прави никакви територијални отстапки во однос на сегашната фронтова линија. Сибиха нагласи дека мирот мора да биде праведен и одржлив.
– Украина нема да прифати никаква формула, никаква иницијатива што подразбира отстапки за нашиот територијален интегритет и суверенитет, нагласи шефот на украинската дипломатија на безбедносната конференција организирана од Полскиот институт за меѓународни односи (PISM) во Варшава, пренесува РБК Украина.
Тој истакна дека пристапот на Украина е да остане таму каде што е, со одржлив прекин на огнот. Додаде дека тоа ќе го отвори патот за пошироки мировни преговори.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој учествуваше во дискусијата, го поддржа својот украински колега. Според него, крајот на војната ќе стане реален само кога руското раководство ќе ја сфати невозможноста за оживување на Руската империја.
