Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, денес повика на формирање нов европски одбранбен сојуз, посочувајќи дека Алијансата во нејзината сегашна форма повеќе не е доволна бидејќи сомнежите за безбедносните гаранции на САД растат.
„Она што го гледаме во моментов е колапс на НАТО, а тоа е опасно“, изјави тој за весникот Велт.
Расмусен додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп предизвикал толку многу сомнежи во врска со неговата посветеност на Член 5 од Договорот за НАТО и одбраната на Европа, што може да има само еден заклучок за Европејците, а тоа е дека тие мора да застанат на свои нозе и да можат самостојно да го бранат својот континент.
Данскиот политичар предложи создавање формализирана „коалиција на оние што се подготвени и способни самостојно да ја организираат одбраната на европскиот континент.
„Ниту ЕУ ниту НАТО во моментов не се соодветни за зајакнување на европскиот столб во рамките на Алијансата“, рече тој, додавајќи дека на Европа ѝ се потребни нови одбранбени планови и нови воени капацитети, како и дека мора да го зголеми производството на оружје и муниција, објави Политико.
Според предлогот на Расмусен, учеството во новата коалиција би било ограничено на земји кои ги исполнуваат строгите критериуми.
Тој посочи дека земјите од НАТО кои ја исполнуваат целта за трошење пет проценти од бруто домашниот производ за одбрана треба да можат да учествуваат во новиот сојуз и да се обврзат на безбедносна гаранција слична на Член 5, како и да спречат поединечни држави да блокираат воени операции.
„Потребен е и механизам за исклучување на членовите кои не ги исполнуваат овие услови“, рече данскиот функционер.
Сепак, Расмусен додаде дека НАТО ќе продолжи да игра централна улога.
„Сè уште верувам дека НАТО ќе остане камен-темелник на нашата одбрана, а крајната безбедносна гаранција е американскиот нуклеарен чадор“, рече тој.
