„За плата се бориме, не се молиме“, работниците на првомајки протест

Од:

Сојузот на синдикати на Македонија денеска го организираше Првомајскиот работнички протест, барајќи зголемување на минималната плата и раст на сите плати.

Под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, стотици граѓани тргнаа од пред седиштето на ССМ, минувајќи покрај Собранието и Сојузот на стопански комори, сè до крајното одредиште – зградата на Владата.

На почетокот на маршот, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, им се заблагодари на присутните, додавајќи дека дел од работниците ќе ги гледаат од прозорците и ќе чекаат некој друг да им обезбеди повисоки плати.

Според него, денес во Македонија околу 260.000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегле на протест за 1 Мај.

„Веројатно сликата што е креирана во ова општество е таква – дека треба да се покориме и потчиниме, но тоа нема да го направиме. Да живее 1 Мај, продолжуваме со борбата и протестот до Владата“, порача Трендафилов.

Потоа, пред зградата на Владата, Трендафилов испрати нови пораки, потенцирајќи дека работниците денес не се доволно заштитени на своите работни места.

„Дојдовме да им кажеме дека, додека потпишуваат колективни договори под притисок на синдикатите – благодарение на протестите и штрајковите што ги организиравме заедно – во исто време водат борба за укинување на еден колективен договор, што за една категорија работници ќе значи минимална плата, а во следниот период може да значи истото и за сите работници.

Вчера беше истакнато дека се планира минималната плата да изнесува 500 евра до крајот на мандатот на оваа Влада. Ние бараме нејзино зголемување. Веќе две години одбиваат да ја зголемат, затоа што не сакаат да го вратат работничкото достоинство.

За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат, а никој не презема ништо за нивна заштита“, порача Трендафилов.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За Мицкоски, протестот на Синдикатите е „вообичаена активност за 1 мај“

“Сакам да работам“ со честитка за 1 мај бара реално согледување на фактите за игрите на среќа

Првомајски протест на Синдикатите, посебен режим во Скопје

ССМ организира протест на 1 Мај, ги повика работниците масовно да излезат

Синдикалната минимална кошница за април 68.797 денари

Трендафилов: Повеќе од три години откако Дарко Димовски не е повеќе меѓу нас, водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е претседател на ССМ