Потсекретарот за правда на Италија, Андреа Делмастро, денес поднесе оставка по извештаите дека поседува удел во синџир ресторани поврзан со мафијата, објавија италијанските медиуми.
Оставката на Делмастро претставува прва реконструкција во владата на италијанскиот премиер Џорџа Мелони и лидерка на десничарската партија „Браќа на Италија“, по тешкиот пораз што го доживеа на референдумот оваа недела, објавува Ројтерс.
Андреа Делмастро се најде под лупа овој месец откако дневниот весник „Ил Фато Квотидијано“ објави дека има удел во римски ресторан заедно со 18-годишната ќерка на маж осуден за врски со Камора, мафијашка група со седиште во регионот на Неапол.
Делмастро, член на партијата „Браќа на Италија“, негираше какво било кривично дело и рече дека го продал својот удел во ресторанот кога дознал дека таткото на неговиот деловен партнер, Андреа Кароч, е осуден за дела поврзани со мафијата.
Сепак, положбата на Делмастро се влоши откако весникот „Република“ објави фотографија од Делмастро со Кароч од 2023 година, со текст во кој се тврди дека двајцата мажи се познаваат.
Објаснувајќи ја својата оставка, Делмастро рече дека направил грешка, но дека не направил ништо нелегално.
„Секогаш сум се борел против криминалот и сум постигнал конкретни, важни резултати. Иако не направив ништо погрешно, направив грешка во проценката, која ја исправив штом станав свесен за тоа. Ја преземам одговорноста за тоа“, се вели во објаснувањето на Делмастро.
