Од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови, на охридскиот и на скопскиот аеродром поминаа 3,5 милиони патници, оваа година скопскиот аеродром очекувам да биде лидер во регионот со раст и да надминеме 4 милиони патници, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски коментирајќи ги владините политики во авиосообраќајот.
Како што информира Министерството за транспорт, тој нагласува дека како Влада почнале сериозна политика на привлекување нови авиолинии и авиокомпании имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и аеродромите се наш единствен излез и тука да доаѓаат повеќе туристи и повеќе луѓе за бизнис и можност македонските граѓани да патуваат.
– Она на што е гордеам е дека од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови, односно авиолинии, последни се овие кон Алгеро – Сардинија и Палермо – Сицилија. Она што ми е драго е што на двата аеродорма, охридскиот и скопскиот, поминаа 3,5 милиони патници. Ако видите дека Македонија има 1,8 милион жители, тогаш јасно е дека далеку е над бројот на населението што го имаме и ако некои спинуваа, оваа година скопскиот аеродром ќе биде лидер со раст во регионот на поранешна Југославија, што е гордост, имајќи предвид дека и Загреб, и Сараево, и Белград се поголеми градови од Скопје, што е додадена вредност – вели вицепремиерот Николоски.
Тој додава дека се почнати директни разговори со Саудиска Арабија за воспоставување воздушен сообраќај меѓу двете земји, што дополнително ќе се прошири мрежата на летови за Македонија.
– Очекувам и од таму да објавиме директни летови до скопскиот и од охридскиот аеродром и ќе продолжиме со оваа политика на стимулирање авиолинии. Очекувам оваа година да поминеме 4 милиони патници, што ќе е апсолутен рекорд – истакнува вицепремиерот Николоски.
