Во скопскиот регион, во претпладневните часови преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места. Поплавувања се регистрирани во село Идризово во Општина Гази Баба, во село Буковиќ во Општина Сарај, како и во село Зелениково каде што е поплавено дворно место и подрум. Поплавено дворно место е пријавено и во населбата Радишани во Општина Бутел. Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што сообраќајот е во прекин. За настанот се известени РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 7:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Од ЦУК информираат дека засега нема зголемување на водостојот на реките и не се очекува нивно излевање, а снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Поплавувања се пријавени и во гостиварскиот регион. Во Гостивар и околните населби поплавени се куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Во село Балиндол е пријавен затрупан канал, поради што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, по што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Според ЦУК, поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и од Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.
