Потврдена e шуга кај двајца војници на обука во касарната во Велес

Од:

Кај двајца припадници на професионалните војници кои се на обука во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес е дијагностицирана кожната болест „scabies“ (шуга), информираат попладнево со соопштение од Канцеларијата за воени односи со јавноста при Генералштабот на Армијата во соработка со Министерството за одбрана.

Како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома, а освен двајцата кај кои е дијагностицирана шуга, останатите војници во понеделник треба да се вратат во касарната во Велес.

Од Армијата информираат дека заедно со Воено – медицинскиот центар се преземени сите потребни мерки за спречување на евентуално ширење на заболувањето, како и дека е спроведен епидемиолошки надзор и се постапува согласно препораките на стручните лица.

-Армијата континуирано презема соодветни превентивни и против епидемиски мерки за заштита на здравјето на персоналот во Армијата. Дополнително, ве информираме дека сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња, се наведува во соопштението.

Воедно појаснуваат дека капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови.

– Во изминатиот период во Армијата беа реализирани повеќе активности со значителен број на ангажирани припадници. Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес беше реализиран прием и сместување на повеќе класи на новопримени професионални војници, со бројка поголема од 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба SEVEN STARS 2025”, со учество на над 150 национални и странски претставници, се наведува во соопштението од Армијата.

На ниво на Армијата, беше реализирана и вежбата „Immediate Response 25“ на АП „Криволак“, каде во теренски услови беа сместени над 2 200 припадници од Армијата и странски вооружени сили.

Воедно потенцираат дека во ниту еден од наведените случаи и покрај големиот број на ангажирани лица, не била евидентирана појава на ваков тип на заболување.

Од Министерството за одбрана велат дека постапуваат согласно барањата на Армијата и дека за конкретниот случај ќе се преземат мерки според насоките на Воено-медицинскиот центар.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Армијата е современа и усогласена со стандардите на НАТО

Синдикатот пријави 14 припадници на Армијата за злосториничко здружување и за злоупотреба на службена положба

„Телеграф“: Украина испраќа борбени роботи на фронтот поради недостиг на војници

СДСМ: Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата

Европа се подготвува да испрати војници на Гренланд

РИА Новости: Украински војници починаа од екстремен студ западно од Лиман