„Нова ера“ на затворскиот криминал: Специјализирани банди со дронови доставуваат дрога и оружје

Од:

Специјализирани криминални картели во Англија и Велс користат дронови за доставување оружје и дрога во затворите, отворајќи „нова ера“ на затворски криминал, соопшти гувернерот на затворот во Манчестер, Роб Најт.

Најт за Скај њуз истакна дека затворот од категорија А во Манчестер, поранешен Стрејнџвејс, станал „ранлив“ на илегални дронови, кои доставуваат ножеви, мачети и дрога до затворениците.

Меѓу април 2024 и март 2025 година регистрирани се 1.712 инциденти со дронови, што претставува пораст од 1.140% во последните пет години. Независниот извештај на Националната канцеларија за ревизија наведува дека затворската служба и владата „преспоро реагираат“ на овие закани поради задоцнето одржување и недоволни буџетски средства за опрема против дронови, што ги прави затворите „ранливи“.

„Се премина од случајни локални криминалци на специјализирани банди кои заработуваат значителни пари и дејствуваат низ целата земја за да ги надмудрат нашите системи“, рече Најт.

Главниот надзорник на полицијата, Луис Хјуз, додаде дека е технички многу тешко да се пресретнат дронови во лет, особено кога не е познато каде се наоѓа пилотот.

Скај њуз сними дронови во акција, вклучително и една достава на дрога директно до прозорецот на затворот, која подоцна беше пресретната од персоналот.

Стручњаците истакнуваат дека многу постари затвори не се дизајнирани да се заштитат од дронови и дека се потребни итни подобрувања во безбедноста на прозорците и надзорот на воздушниот простор.

Би можело да ве интересира

Захарова: Италијанската мафија се обидува да купи украински дронови на црниот пазар

Во Украина „исчезнаа“ речиси 800.000 парчиња оружје

Московскиот регион нападнат од рој дронови

Трамп ги негира извештаите за недостиг на муниција: Имаме повеќе од кој било друг во светот

Инцидент на „Блаце“: Косовски државјанин оттурна цариник, фрлаше oружје за да се спаси

Горан Наумовски

Германска фабрика за дронови цел на руски закани