Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, признал дека зад протестите на ССМ стојат политичките партии СДСМ и Левица.
Манасиевски се повика на изјава дадена од Трендафилов во телевизиско гостување, за која оцени дека укажува на координација против актуелната влада. „Сите се здружиле против оваа влада“, рече Манасиевски, цитирајќи дел од настапот на Трендафилов.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова е првпат Трендафилов јавно да даде ваква изјава, а партијата тврди дека со тоа се потврдува политичката позадина на синдикалните протести.
Манасиевски оцени дека Трендафилов, по насока на СДСМ и Левица, не прифаќа нов колективен договор кој, како што рече, би овозможил зголемување на платите во јавната администрација. Тој наведе дека минималното зголемување би изнесувало 3.580 денари, додека просечното зголемување би било над 6.000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така обвинија дека во периодот на претходната власт не биле преземани чекори за подобрување на платите, и дека државата била оставена во лоша финансиска состојба.
Во изјавата беше нагласено дека Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи со зголемување на платите во повеќе сектори, меѓу кои образованието, здравството, полицијата, одбраната и социјалната заштита, како и со мерки за поддршка на бизнисот со цел раст на платите во приватниот сектор.
„Никој не тврди дека состојбата е лесна, но ќе направиме сè што е во рамките на можностите за подобрување на животниот стандард на граѓаните“, изјави Манасиевски.