Денеска протест на ССМ: Синдикатите бараат зголемување на минималната плата

Од:

Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе одржи протест за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

На протестот, кој ќе започне во 17 часот, ќе биде искажано незадоволство поради неисполнување на барањата за зголемување на платите. Протестот ќе почне пред Работничкиот дом и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов вчера на прес-конференција рече дека протестот се организира поради ингнорантскиот однос на Владата и работодавачите кои не ги зголемија платите на работниците.

Според ССМ, има многу аргументи за зголемување на платите тргнувајќи од инфлацијата се до растот на вредноста на синдикалната минимална кошничка во јануари за илјада денари.

– 28 јануари е денот кога работниците зборуваат. Колку гласно ќе зборуваат, зависи од вас. Вашето присуство на улица ќе зборува погласно од секоја дискусија што сте ја воделе во семејствата и на вашите работни места. Овој протест е за вашите плати затоа што истите не стигнуваат од 1-ви до 1-ви. Ве повикувам сите – и синдикалци, и работници и пензионери кои земате пензија од работничките придонеси да ни се придружите затоа што само во јануари сте посиромашни за илјада денари. Другите не бројат и сметаат дека ако не дојдете, им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата затоа што сметаат дека добро живеете и дека зборувате само за убави работи, рече вчера Трендафилов.

Според него, повеќе нема изговори бидејќи 200 илјади луѓе се сиромашни и живеат со плата под 30.000 денари.

На протестот ќе се приклучи и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Во соопштение испратено до медиумите, ССНМ ги повика своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјата.

– Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС, објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјата, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и други, кои од работодавачите се држат на минималната плата. Со оглед на тоа дека повеќето од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата, наведуваат од ССНМ.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Манасиевски: ССМ и Слободан Трендафилов одбиле 40% покачување на платите во следните 2 години на штета на работниците

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради најавениот протест на ССМ

СДСМ: Го поддржуваме протестот и барањата на работниците

Горан Наумовски

Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците – и на улиците и од институциите

За функционерите плус 250 евра, за работниците ниту 25 – Трендафилов повика без страв да се излезе на протестот

Катерина Ѓуровски

Синдикатот на новинари бара зголемување на минималната плата и се приклучува на протестот на работниците