Заканата на американскиот претседател Доналд Трамп со воведување казнени царини за сите што би се обиделе да го спречат во преземање на Гренланд, за многу европски влади претставуваше „капка што ја прелеа чашата“, пишува Politico. По една година зголемени тензии од неговото враќање во Белата куќа, сè погласно се зборува за можен трансатлантски раздор и за иднина на Европа без Соединетите Американски Држави.
Европски функционери, кои неофицијално зборувале за медиумите, потегот на Трамп околу суверената данска територија го опишуваат како „луд“ и „непредвидлив“, оценувајќи дека станува збор за јасен и ничим испровоциран напад врз сојузниците. „Ова е чекор предалеку. Постојат црвени линии“, изјавил еден европски дипломат.
Меѓу високите европски претставници сè повеќе преовладува ставот дека Америка под водство на Трамп веќе не е сигурен трговски и безбедносен партнер. „Станува збор за трајна промена во американската политика. Чекањето да помине не е решение – потребен е координиран премин во нова реалност“, изјавил висок функционер на една европска влада.
Таквиот развој би можел драстично да го преобликува Западот и да ја наруши глобалната рамнотежа на моќта, со последици и за Европа и за САД – од трговски тензии до безбедносни ризици и можна загуба на американскиот пристап до европските воени бази.
Како можен модел за иднината, европските дипломати ја посочуваат т.н. „коалиција на подготвените“, воспоставена за поддршка на Украина, преку која европските држави, заедно со Велика Британија и Норвешка, веќе научија да дејствуваат без директна улога на САД.
Во рамки на неформална мрежа позната како „Вашингтонска група“, националните лидери и советници за безбедност од околу 35 земји редовно комуницираат и координираат ставови. Во разговорите учествуваат и лидерите на Франција, Германија, Обединетото Кралство, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Во дискусиите е вклучен и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што отвора можност Украина да стане дел од поширок европски безбедносен сојуз. Со оглед на нејзината силна и високо милитаризирана армија, таков сојуз би претставувал значајна воена сила.
Во меѓувреме, од Брисел доаѓаат и конкретни иницијативи – предлог за постојана европска армија од 100.000 војници и нова Европска безбедносна стратегија. Лидерите на ЕУ најавија итен самит за одговор на заканите на Трамп, а Урсула фон дер Лајен порача дека Европа „цврсто ќе застане“ во одбраната на Гренланд и европската солидарност.