Бугарија од денеска и официјално стана 21-ва членка на Еврозоната, при што бугарскиот лев се заменува со еврото по фиксен курс од 1,95583 лева за едно евро. До 31 јануари ќе важи двоен промет, а цените ќе бидат прикажани паралелно во двете валути до август 2026 година, со цел да се спречи неоправдан раст на цените.
Европската комисија и лидерите на ЕУ оценуваат дека воведувањето на еврото ќе донесе полесна трговија, поголема економска стабилност и нови можности за бизнисите, со минимален инфлациски ефект. Сепак, дел од бугарските граѓани изразуваат загриженост од раст на цените и губење на финансискиот суверенитет, а земјата останува политички поделена околу ова прашање.
Приемот доаѓа во период на политичка нестабилност и предвремени избори, што според аналитичарите може да испрати сигнал на неизвесност до инвеститорите. И покрај тоа, поддржувачите го сметаат влезот во Еврозоната за едно од најголемите достигнувања на Бугарија по 1989 година.
