Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини актуелната власт за тесна соработка со Српската напредна странка (СНС) и со српскиот претседател Александар Вучиќ, оценувајќи дека моделот на владеење од Србија се пресликува и во Македонија.
На брифинг со новинари, Филипче изјави дека премиерот Христијан Мицкоски сè поочигледно го имитира Вучиќ – и во политичкиот стил и во начинот на настап.
„На граѓаните веќе им е јасно како Мицкоски се обидува да го копира Вучиќ – во движењата, во настапот, во изјавите и во концептот на владеење. Прекарот веќе го доби – малиот Вучиќ“, рече Филипче.
Според него, се воведува модел во кој еден човек ја претставува целата политика и партија, додека сите други ја имаат улогата на извршители.
Филипче потсети на случувањата во Србија по трагедијата во Нови Сад и на масовните протести, нагласувајќи дека таму дијалогот е невозможен, а општеството длабоко поделено.
„Во Србија тоа доведе до судири, економски проблеми и целосна изолација од Европа. Истата опасна матрица денес се применува и во Македонија“, предупреди тој.
Лидерот на СДСМ оцени дека ваквата политика намерно ја оддалечува државата од Европската Унија и служи како алиби за прикривање на криминалот и корупцијата.
„Се бараат изговори Македонија да остане изолирана од ЕУ. Нема друго објаснување“, рече Филипче.
Тој порача дека СДСМ ќе продолжи јавно и аргументирано да укажува на, како што рече, опасниот авторитарен курс кој води кон економска несигурност и европска изолација.
Филипче изјави дека во момент кога СДСМ ги објавува, како што рече, криминалните и коруптивни зделки на актуелната власт, ВМРО-ДПМНЕ спроведува организирана и координирана акција за уривање на СДСМ одвнатре.
Филипче оцени дека станува збор за синхронизирана кампања која се активира токму сега, кога опозициската партија отвора сериозни прашања за криминал и корупција во врвот на власта.
„Сведоци сме на серија обиди да се прикаже некакво внатрешно уривање на СДСМ, токму во периодот кога ги разобличуваме коруптивните зделки, предавството и лажниот патриотизам на власта“, изјави Филипче.
Тој посочи дека во јавноста сега се активираат поранешни функционери и лица кои подолг период не биле политички активни, како и поединци кои веќе не се дел од СДСМ.
„Логично се поставува прашањето зошто овие појави не постоеле изминатата година ипол, туку се случуваат токму сега, кога започнавме сериозна акција поткрепена со анализи и документи“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ тврди дека партијата располага со информации дека зад овие активности стои ВМРО-ДПМНЕ.
„Сето ова е организирано и водено од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се налогодавачи и финансиери на овој проект“, истакна Филипче.
Тој изнесе и сомнежи дека во позадина постои финансиска поддршка, при што ја спомена Алта банка, за која рече дека во европските земји не ѝ е дозволен влез поради сомнително потекло на капиталот.
Филипче порача дека СДСМ нема да биде замолчена и дека ќе продолжи со борбата за правда и одговорност.
„Никој нема да нè запре. Власта ќе ја вратиме во рацете на народот. Секој што е замешан во корупција и криминал ќе одговара“, порача претседателот на СДСМ.
