Пред управната зграда на Клиничка болница Тетово денеска протестираа дел од луѓето кои повеќе години работеле во установата со договор на дело, а не добиле решение за трајно вработување. Тие обвинуваат дека на нивно место бил примен надворешен кадар.
Во текот на мај и јуни 155 лица – доктори, медицински сестри, техничари, администрација и друг персонал преку протести јавно го изразија незадоволството и бараа трајно вработување со оглед дека по повеќе години работат како хонорарци. На 24 јули беше распишан јавен конкурс за вработување на 119 кадри за медицински персонал, чие спроведување беше реализирано по локалните избори.
– И покрај ветувањето на министерот Алиу, директорот Елези и градоначалникот Касами за нашите работни места, ние денес стоиме овде барајќи ја правдата и нашите ветени места. Ќе одиме до крај па дури и по цена да се растури овој конкурс. Сите ние сме со повеќегодишно искуство, не сме дојдени денес како што се примените вработени од надвор. Во никој случај не сме ги злоупотребиле нашите работни места. Сме работеле без плата, работиме без здравствено и пензиско осигурување, без одмори и без право на боледување и слободни денови. Не е фер да примате надворешен кадар без искуство кога веќе го имате и тоа обучен и искусен, рече Ивона Неделковска, која работела шест години на работно место фармацевтски техничар во Инсулинска аптека.
Претставници на хонорарците заедно со новинарите беа кај директорот Ерзен Елези за да добијат одговор зошто не е исполнето ветувањето за нивно трајно вработување.
Во изјава за медиумите, директор Елези уверуваше дека на распишаниот јавен конкурс за вработување на медицински персонал, земени се предвид потребите на болницата, а имало повеќе кандидати што се со договор на дело.
– Пример за акушерство имало предвидено само едно место за вработување, а под договор се десет. Примено е едно лице што било со договор на дело веќе 10 години. Сите не можеме да ги примиме. 80 отсто се примени од тие што се со договор на дело. Не се примени тие што според профилите потребни за болницата не се наведени во огласот, истакна Елези.
Тој рече дека добил позитивно мислење од министерствата за здравство и за јавна администрација за вработување, односно решенија за нови 133 лица медицински персонал во текот на 2026 година, кога според него може да се вработат останатите лица кои сега не добиле трајно вработување.
