Соединетите Американски Држави се подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим и другите окупирани украински територии со цел да се обезбеди договор за прекин на војната.
Британскиот „Телеграф“ дознава дека Доналд Трамп ги испратил својот мировен претставник Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер да му дадат директна понуда на Владимир Путин во Москва.
Планот за признавање на територијата, што ги крши американските дипломатски конвенции, веројатно ќе продолжи и покрај загриженоста кај европските сојузници на Украина.
Еден добро информиран извор рече: „Станува сè појасно дека на Американците не им е грижа за европската позиција. Тие велат дека Европејаните можат да прават што сакаат“, пишува Телграф.
Рускиот претседател во четврток изјави дека правното признавање на Крим и регионите Донецк и Луганск како руска територија од страна на Вашингтон ќе биде едно од клучните прашања во преговорите за мировниот план на американскиот претседател.
Кремљ соопшти дека ја добил ревидираната стратегија за прекин на војната, изготвена по вонредните разговори меѓу украинските и американските претставници во Женева, Швајцарија, минатиот викенд.
Оригиналниот мировен план од 28 точки, формулиран од г-дин Виткоф по разговорите со руските претставници, понуди „де факто“ признавање на Крим и двата источни региони на Донбас од страна на САД.
Стратегијата, исто така, предложи „де факто“ признавање на територијата под руска контрола зад линијата на контакт во украинските региони Херсон и Запорожје по каков било договор за прекин на огнот.
Во Женева, украинските и американските претставници преговараа за нов план од 19 точки, кој е помалку поволен за Москва. Но, повеќе извори сугерираа дека понудите за признавање од САД останале дел од стратегијата.
