Формирањето на косовската влада повторно не успеа, Османи го распушти парламентот

Од:

Косовската петседателка Вјоса Османи денес потпиша указ за распуштање на собранието, откако претходниот ден не успеа вториот обид за формирање влада, а изборите за нов парламент треба да се одржат до крајот на годината, објавија регионалните медиуми.

Потпишувањето на указот за распуштање на собранието доаѓа откако политичките лидери не успеаја да постигнат никаков договор за тоа дали пратениците треба да се обидат да гласаат за неколку важни договори денес, објави Радио Слободна Европа.

„Во согласност со Уставот на Косово и важечкото законодавство, како и по денешното усвојување на одлуката на Собранието на Косово во врска со неуспехот на вториот мандатар да формира влада, претседателот на Република Косово денес го распушти деветтото свикување на Собранието на Република Косово“, се вели во соопштението од Канцеларијата на претседателот.

Лидерот на Демократската партија на Косово, Бедри Хамза, изјави дека за време на средбата со Османи побарал изборите да се одржат на 21 декември бидејќи на земјата „ѝ се потребни институции што е можно поскоро“. Тој додаде дека втората опција за одржување предвремени избори е 28 декември.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, исто така рече дека бара изборите да се одржат на 21 декември и дека неговата партија ќе оди на нови избори самостојно.

Од друга страна, лидерот на партијата Гуксо, Фатон Пеци, рече дека неговата партија бара изборите да се одржат на 28 декември, за да Централната изборна комисија има доволно време да се подготви за изборниот процес.

Лидерот на Социјалдемократската иницијатива, Фатмир Лимај, оцени дека одржувањето предвремени избори е „лоша вест“. Тој рече дека партиите не успеале да изградат соработка девет месеци, додавајќи дека ова покажува „неспособност и незрелост во начинот на градење на државата“.

Во врска со датумот на изборите, тој рече дека 21 декември е најпосакуван.

Состанокот се одржа еден ден откако заменик-лидерот на Движењето Самоопределување (ЛВО), Глаук Коњуфца, не успеа да ги обезбеди потребните гласови за формирање нова влада на 19 ноември. Како и Коњуфца, лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, не успеа да формира нова влада на 26 октомври.

Како резултат на тоа, Косово сè уште има привремена влада од парламентарните избори одржани на 9 февруари 2025 година. Најголемите политички партии на косовските Албанци не постигнаа консензус за голем број прашања, вклучително и за одржувањето на изборниот процес, а процесите се одложени до сега.

Според Уставот, доколку ниеден друг премиер не успее да формира влада, претседателот Османи мора да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена од датумот на повикот. Канцеларијата на претседателот не одговори на барањето за можен датум за изборите.

Би можело да ве интересира

Инцидент на српско-косовската граница: Маскирани Албанци пукале кон српски војници

Горан Наумовски

Дејан Дуковски – Автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп идната година

Катерина Ѓуровски

Минималната плата во Косово во 2026 година – 500 евра

А1он

На Косово му се заканува институционална криза, најголема од прогласувањето на независноста

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) Двајца мажи се застрелани во крвна одмазда пред судот во Пеќ

Горан Наумовски

Османи од Фон дер Лајен бара кандидатски статус за влез на Косово во ЕУ

А1он