Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет предупреди дека финансиската состојба во Јавното обвинителство станува „алармантна“, бидејќи во Предлог-буџетот за 2026 година средствата се исти како лани, и покрај законската обврска буџетот да изнесува најмалку 0,4% од вкупниот државен буџет.
„Се предлагаат едвај околу 0,2%. Износот дури е и помал од тековната година, што е апсолутно нелогично кога сите трошоци растат“, рече Коцевски, додавајќи дека Европската комисија во својот последен извештај повторно укажала дека ефективна борба со криминал и корупција е невозможна без доволни ресурси и финансиска независност.
Коцевски нагласи дека средствата за плати се „до денар исти“ како годинава и дека воопшто не се планирани средства за законски додатоци. Најголем удар, сепак, е кај договорните услуги – од каде се плаќаат вештачењата, трошоците за истражни дејствија и експертизи.
„Вештачењата поскапуваат, а за сериозни случаи мора да ангажираме експерти од странство. Сè паѓа на товар на буџетот, кој веќе е недоволен“, предупреди тој.
Тој посебно го истакна примерот со предметот за квалитетот на мазутот: едно вештачење во странство чини 1.500 евра, а може да бидат потребни повеќе од 300 примероци.
Во делот на реформската агенда предвидена за 2026 година – од јакнење на истражните центри, опремување на канцеларијата за поврат на имот, до финансиски истраги и ангажирање дополнителни обвинители – во буџетот не се планирани средства. Министерството за финансии, рече тој, не дало согласност ниту за нови вработувања.
Кадарот, според Коцевски, е во „крајно тешка состојба“: службата работи со една третина од потребниот број, а само во последните две години заминале над 10% од вработените. Не е одобрено ниту едно ново вработување, ниту пополнување на испразнети места.
„Недостигаат околу 30% јавни обвинители, а поради блокадата во Академијата најмалку три и пол години нема да биде примен ниту еден нов. Ваквата состојба е неодржлива“, рече тој.
Коцевски посочи дека повторно не се предвидени пари ниту за државното кофинансирање на новиот систем за управување со предметите, финансиран преку ИПА.
За опрема во сите обвинителства – државата планира помалку од 30.000 евра.
Обвинителите минатата година решиле околу 20.000 предмети, а паралелно работат во предистраги и во судски постапки.
„Секој вработен извршува задачи за четири до пет позиции. Ова веќе не може да се споредува ни со најблиското опкружување“, рече Коцевски.
Во завршницата од обраќањето упати апел до пратениците:
„Средствата што ги бараме не излегуваат надвор од законските рамки. Ни се неопходни за да обезбедиме ефикасна правда“.
