Ребалансот на Буџетот за власта е неопходен одговор на новите економски услови, а за опозицијата неуспешно економско планирање –

Од:

Власта и опозицијата со спротивставени ставови на комисиската расправа во Собранието по општиот претрес за изменување и дополнување на буџетот за 2026 година. Вториот ребаланс за власта е неопходно усогласување на приходите и расходите со изменетите економски околности, без зголемување на дефицитот и обезбедува стабилност и континуитет на проектите, додека за опозицијата честите измени на буџетските проекции се доказ за неуспешно економско планирање и оддалечување од фискалната консолидација.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, презентирајќи ги предлог буџетските измени оцени дека корекциите се навремена реакција на глобалната неизвесност и овозможуваат зачувување на средствата за законските обврски, социјалната заштита, здравството и приоритетните инфраструктурни проекти.

Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, изјави дека единствената стабилна работа во економската политика на оваа Влада е нестабилноста на нејзините буџетски планови, посочувајќи дека во рок од 10 месеци имаме три буџетски конструкции и едно исто раководство кое постојано ни објаснува дека се се одвива според планот.

– Во декември 2025 година Владата предложи Буџет за 2026 година со приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,1 милијарда денари и дефицит од 39,2 милијарди денари, што е 3,5 проценти од БДП. Во јули, само седум месеци подоцна истата оваа Влада побара зголемување на расходите на 425,7 милијарди денари и зголемување на дефицитот на 4,1 процент од БДП. Денска, во октомври повторно добивме нови бројки со кои приходите се намалуваат за 5,3 милијарди денари, расходите исто толку, а дефицитот останува непроменет – рече Битиќи.

Министерството за финансии, според него, има политичка и институционална одговорност да поставува фискални граници, да ги преиспитува владините приоритети и да се спротивставува на неодржливите барања и да обезбеди буџет за да се создаде економска вредност, но проблем е што, како што рече „се помалку гледаме кој во Владата ја води економијата“.

– Народот одамна рекол: два пати мери, еднаш сечи. А оваа Влада, изгледа прво сече, па потоа мери колку погрешила, и така три пати. Само што, цената на секоја погрешна мерка ја плаќаат граѓаните, а не оние што ја направиле – изјави Битиќи.

Според него, во услови на сериозни надворешни шокови, корекциите можат да бидат економски оправдани, но проблемот, како што рече, е тоа што со секој нов ребаланс се менува развојната логика на буџетот, посочувајќи дека во јули сме се задолжувале повеќе за наводно да инвестираме повеќе, додека во октомври инвестициите се намалуваат, задолжувањето останува, а Владата продолжува да зборува за развој.

– Овде не станува збор за изолирано, погрешно предвидување. Зборуваме за повторување на истата буџетска логика, која ги поткопува процесите кои треба да водат кон фискална консолидација. Со секој нов буџет или ребаланс, рокот за нејзино остварување се поместува, додека дефицитот упорно останува над посакуваното ниво. И целта буџетскиот дефицит да се сведе на 3 проценти од БДП, која претходно беше предвидена за 2027 година, сега е помесетна за 2028 година – изјави Битиќи.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, нагласи дека денеска не се расправа само за уште една измена на буџетските табели и каде има плус, а каде има минус, туку, како што рече, распраме за тоа како една држава носи одлуки кога економските околности се менуваат, меѓународните пазари се неизвесни и обврските кон граѓаните мора да се исполнуваат.

– Вториот ребаланс на буџетот за 2026 година има една јасна суштина, да ги усогласиме приходите и расходите, да го задржиме веќе планираниот дефицит и да обезбедиме средства таму каде што обврската на државата е непосредна, кај пензионерите, кај семејствата, социјално ранливите граѓани и здравствената заштита. Истовремено, да ја продолжиме работата на инфраструктурата и да не трошиме средства само за да покажеме висок процен на хартија – порача Стојановски.

Во однос на јавниот долг, тој појасни дека планираните годишни одливи за сервисирање и други финансиски обврски изнесуваат 76,6 милијарди денари, а до септември се исплатени 65,4 милијарди денари главница.

– Обврските на државата мора да се исполнуваат навреме. Иако сите долгови досега, коишто ние ги враќаме, се земени во некое друго претходно време. Истовремено, долгот и дефицитот бараат дисциплина. Не смееме да ја замениме одговорноста со купен мир, кој секогаш ќе биде наплатен, кога тогаш, како што ние го плаќаме денеска за некое друго претходно време – изјави Стојановски.

Според Стојановски, со вториот ребаланс, граѓаните добиваат поголема сигурност за исплатите коишто ги очекуваат, дополнителни средства за здравствена заштита, поддршка за ранливите семејства, продолжување на патните, железничките и комуналните проекти и обврска институциите појасно да одговараат за роковите и реализацијата.

-Не ветуваме дека со еден ребаланс ќе исчезнат сите економски проблеми. Не тврдиме дека секоја ставка е идеална, но веруваме дека кога условите се менуваат најлош одговор е да останеме заробени старата пресметка. Подобриот одговор е да ја приспособиме, да ги заштитиме најважните обврски и да ја задржиме контролата врз јавните финансии. Затоа мојот, а и ставот на моите колеги од мнозинството е јасен. Ќе го поддржиме вториот ребаланс на буџетот за 2026 година, не заради тоа што бројките сами по себе се политичка победа, туку затоа што зад нив стои определба државата да реагира навреме, оврските кон граѓаните да не застанат и развојните проекти да продолжат со реални проверливи рокови – рече Стојановски.

Нашата задача, порача Стојановски, е да испорачаме резултат за граѓаните, за економијата и за Република Македонија.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска пред пратениците во Комисијата за финансирање и буџет го презентираше Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, со кој буџетските проекции се усогласуваат со новите економски услови, остварувањата во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.

Димитриеска-Кочоска во експозето истакна дека вториот ребаланс е навремена реакција на глобалната неизвесност, геополитичките тензии и нарушувањата на енергетските пазари, кои влијаат врз економските текови и буџетските приходи.

-Со вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година ги усогласуваме проекциите со реалните економски движења, досегашната реализација и ефектите од мерките преземени во текот на годината. Ова е одговорен пристап во услови на неизвесност, да ги коригираме проекциите таму каде што реалноста го бара тоа, да ги намалиме расходите каде што има простор за рационализација, но истовремено да ги зачуваме средствата за законските обврски, здравствените услуги, социјалната заштита и приоритетните развојни проекти – истакна Димитриеска-Кочоска.

Со предложените измени, вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Вкупните расходи се намалуваат за истиот износ и се планирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет на 46,3 милијарди денари, односно 4,1% од БДП.

Проекцијата за економскиот раст за 2026 година изнесува 3,5%.

На приходната страна најизразено намалување има кај акцизите, од 34,1 на 30,4 милијарди денари, како резултат на мерките за намалување на акцизите на горивата. На расходната страна се предвидува рационализација и поефикасно користење на јавните средства. Капиталните расходи се намалуваат поради пролонгираната динамика на реализација на одредени проекти и пониската реализација на средствата од сопствени приходи, донации и заеми.

Расправата во Комисијата за финансирање и буџет по предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година во рамки на Комисијата за финансирање и буџет трае најмногу 10 дена. Продолжението на седницата за ребаланост на која треба да се разгледаат повеќе од 120 амандмани, претседателката на собраниската Комисија, најави дека ќе биде дополнително закажана во понеделник.

Би можело да ве интересира

Филипче: Ова е арамиска власт – треба да знаат дека ќе одговараат, нема да избегаат

Мицкоски: Нека поднесе опозицијата барање, ќе одиме на избори и ќе победиме

Мерц: „Не може проблемите на 21 век да се решаваат со буџет од 20 век“

Руски опозиционер војната во Украина ja нарече катастрофа – доби 11 години затвор

А1он

Собранието го усвоиот ребалансот на Буџетот за 2026 година

Левица: ​​​​​​​Утре ДПМНЕ ќе го гласа ребалансот со кој секој десетти денар е позајмен, а амандманите на Левица насочени кон јавниот интерес – одбиени

Предраг Петровиќ