Бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев, побара итно усвојување на измените на Законот за бугарско државјанство, оценувајќи дека сегашните одредби се „нелогични“ и не овозможуваат соодветно легитимирање на бугарската заедница во Република Северна Македонија.
„Сегашниот закон е нелогичен и не функционира. Законот за бугарско државјанство мора многу итно да се промени“, изјави Ковачев на средба со бугарски новинари во Брисел, повикувајќи медиумите тоа да го пренесат до бугарските пратеници и до министерот за правда.
Нацрт-законот што го поддржува Ковачев предвидува дел од личните податоци на лицата кои добиле бугарско државјанство да станат јавни, со цел, како што вели, да биде „очигледно дека тие се идентификувале како етнички Бугари“.
„Јавен регистар во Министерството за правда со ограничен број податоци — името и местото на живеење на лицето кое побарало и добило бугарско државјанство — ќе покаже колку е голема бугарската заедница во Северна Македонија. Според последните податоци, тие се речиси над 170 до 180 илјади лица, а моментално се обработуваат уште 15 до 20 илјади барања“, изјави европратеникот.
Ковачев нагласи дека лицата кои добиле бугарски документи „доброволно се изјасниле како етнички Бугари“, приложувајќи докази за семејно потекло и врска со бугарската историја и култура.
