Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче смета дека актуелната власт не се справува добро со пожарите во земјата, бидејќи, вели, навлегуваат во некои тези, дека станува збор за смислена акција, за подметнување на пожари и, како што рече што укажува на тоа дека двојно не се спремни – ниту во системот на откривање на намерни подметнувачи на пожарите, ниту пак во справувањето со пожарите.
– Вчера видовме неколку пожари во Дојран, во Крива Паланка, во Чучер Сандево итн. огромни објекти изгореа. Видовме промоција на возила за борба со пожарите, но не гледаме дека се во функција и сето тоа укажува дека Владата има за цел да ги прикаже работите многу подобри од тоа што вистински се и капацитетите и желбата да се справат со проблемите, рече на денешната прес-конференција Филипче, кој одговараше на новинарско прашање, како власта се справува со пожарите.
Прашан за тоа дека одредени функционери, градоначалници се ситат на актуелната состојба со пожарите, Филипче ги демантираше ваквите изјави на ВМРО-ДПМНЕ, и најави дека денеска имаат иницијатива да ги повлечат сите амандмани за ребалансот на буџетот и да предложат еден амандман за надоградување и инвестирање во системот за управување со пожарите.
-Ниту еден од СДСМ поединец, функционер, градоначалник има намера да се сити со некаква криза. За се што се случуваше изминатата една година имаме критика, којашто е сериозна, издржана и истовремено имаме и конкретен предлог и план, како заеднички да настапиме за да го надградиме системот. За жал, тоа не може да се каже за ВМРО-ДПМНЕ, додека беа во опозиција. Немаше една работа, којашто ја поддржаа, да направиме заеднички, се што правеа беше критика, вели Филипче.
Тој додаде дека лани за време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, според него, изгорела поголема површина на шума во државата, отколку во изминатите десет години заедно.
-Тоа е доказ дека не се справуваат, добро и треба да сфатат дека од овие прес-конференции, од овие наши настапи, од овие наши иницијативи треба да слушнат нешто, да прифатат. Ние имаме добра намера, ние сме навистина конструктивни, еве ќе видиме како ќе се однесуваат сега во Собрание, кога ќе поднесеме амандман за надградба на системите, инфраструктурата и во ЦУК и во ДЗС, изјави Филипче.
На прашањето кога ќе се знаат сите кандидати за градоначалници на СДСМ за претстојните локални избори, Филипче одговори дека се затвараат процедурите за поголем дел од општините и во групи ќе ги објавуваат во наредниот период, а до крајот на месецот ќе бидат објавени сите кандидати за градоначалници, како и за Град Скопје.