Италија започна да си ја истражува земјата за минерали, македонските геолози велат дека во тоа лежи енергетската иднина

Од:

Италија започнува да си ја истражува земјата за минерални суровини. Ваквиот потег за геолошки истражувања следува откако Европската Унија минатата година создаде листа на критични минерални суровини кои се неопходни да се спроведе зелената транзиција за животната средина. Со цел да се произведат електрични возила, ветерници, соларни панели и други извори на енергија, Унијата започна засилено на свое тло да трага по литиум, никел, бакар, кобалт и други минерали, од кои во моментов во голема мера е зависна од Кина.

-Италија ги обновува напорите за мапирање и развој на своите минерални ресурси со својата прва голема јавна инвестиција во геолошки истражувања од почетокот на 1990-тите, давајќи приоритет на минералите што Европската Комисија ги дефинира како критични и стратешки за економијата и безбедноста на ЕУ. Иницијативата тешка 3,5 милиони евра, предводена од Италијанскиот геолошки завод, доаѓа една година откако Владата донесе указ за критичните суровини, пишува Еурактив.

Италијанските власти на почетокот на јули објавија дека започнуваат со испитување на земјата, со цел да се изгради ажурирана слика за минералниот потенцијал на Италија и да се обезбедат прелиминарни индикации за италијанските и странските инвеститори за достапноста на суровините.

-Во Националната програма за општо истражување на минерали, штотуку одобрена од Меѓуминистерскиот комитет за еколошка транзиција (CITE), вклучени се 14 истражувачки проекти, распределени низ целата територија на државата, во клучни региони како што се Ломбардија, Пиемонт, Трентино-Алто Адиџе, Лигурија, Тоскана, Лацио, Кампанија, Калабрија, Емилија-Ромања, Марке и Сардинија, на што е додадено и националното мапирање на можни складишта за рударски отпад. Програмата, чија имплементација Министерството за животна средина и енергетска безбедност и Министерството за бизниси и ја доверија на Геолошката служба на Италија, вклучува 15 оперативни единици и над 400 специјалисти, со инвестиција од 3,5 милиони евра посветени на првата фаза од истражувањето на природните наоѓалишта, се наведува во објавата на италијанскиот Институт за заштита и животната средина.

Оттаму додаваат дека во фокусот на геолошките истражувања ќе бидат литиумот, борот, бакарот, манганот и други критични минерали дефинирани во актите на Европската Комисија. Во меѓувреме, домашните експерти исто така очекуваат да се спроведат геолошки истражувања и во Македонија. Ова барем го пишува првата нацрт верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и минерални суровини 2025-2045, што ја иницираше МАНУ, а се очекува наскоро да боде усвоена од страна на властите. Во текстот единствено се истакнува дека земјата кај нас е полна со бакар.

-Македонија во моментот не е силно развиена рударска земја и нејзината визија за развој треба да се однесува на тоа да го зајакне овој сектор од стопанството и да искористи што поголем дел од своите природни ресурси, односно природни минерални богатства. Со одржливо користење на сите природни минерални богатства, а во хармонија со еколошките, културните и природните вредности, можеме да создадеме работни места низ цела Македонија…. Република Северна Македонија мора да знае со какви минерални суровини располага и затоа потребно е континуирано собирање на податоци со користење на современи методи, мапирање на минералните ресурс како и анализа на тие податоци. Создавање на поволни услови значи дека тие податоци треба да бидат достапни што ќе придонесе за привлекување инвестиции, идентификување на нови перспективи и донесување соодветни одлуки во врска со развојот на ресурсите од страна на креаторите на политиките, се наведува во предлог Стратегијата.

Според нацрт текстот, еден од основните предуслови за развивање на геолошките истражувања и искористување на минералните суровини е воспоставување на јасна и транспарентна правна и регулаторна рамка, а оваа рамка треба да обезбеди сигурност, стабилност и предвидливост за инвеститорите. Од друга страна, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираа дека потпишале Меморандум за соработка со Друштвото на геолози, за стручна поддршка и учество на геолозите во работни групи кои ќе придонесат во подготовка на законски и технички решенија.

-Меморандумот има за цел да воспостави долгорочна и систематска соработка во областите на геолошки истражувања, примената на еколошки и ефикасни рударски практики, како и подигнување на јавната свест за значењето на геолошките науки и минералните суровини. Соработката со стручната и академска заедница е суштински дел од реформите што ги спроведуваме во секторот. Овој Меморандум е дел од нашата заложба за транспарентно, стручно и одржливо управување со минералните ресурси, со јасна одговорност кон животната средина, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

-Овој чекор претставува важна потврда дека гласот на стручната заедница ќе има суштинско влијание во креирањето на политиките во нашата област. Геологијата не е само наука за минатото на Земјата – таа е клучот за нашата енергетска иднина, нагласила проф. д-р Соња Лепиткова, претседателка на Друштвото на геолози.

Како што се дополнува во соопштението од страна на Министерството, двете страни ќе спроведуваат и едукативни кампањи и ќе го поддржуваат носењето на одлуки базирано на наука и докази.

Би можело да ве интересира

Кос: Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон ЕУ

Разговарано е со САД за царински олеснувања, може ќе сме во групата земји кои ќе имаат најповолни услови, вели Мицкоски

ДУИ: Вистината е дека Македонија сè повеќе тоне во изолација

Арсовска: Оф бе Боби, седи Боби, кец

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски не избламира пред членка на ЕУ и никогаш не стана амбасадор, следбеник на Заев и ,,Бојко љубави” дипломатијата

Предраг Петровиќ

ЗНАМ: СДСМ се во длабока криза и прашање е нивниот опстанок после локалните избори