По 9 часа интензивна работа и посипување на повеќе од 40 камиони земја на локацијата во Трубарево, повеќе нема бел чад, ниту мирис на изгорена пластика, кабли и слични штетни материјали, објави градоначалникот на Гази Баба Бобан стефковски.
– Јавна благодарност до комуналните редари од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба, кои и покрај тоа што вчера беа на терен со мене до 02:00 часот по полноќ, утрово од 10:00 часот повторно беа активни на терен и го открија изворот на загадувањето. Јас сум најголемиот критичар на нивната работа, секогаш барам повеќе резултати, но во овој случај заслужуваат јавно признание – лично од мене. Благодарам и на луѓето од ЈКП Гази Баба, кои со механизација работеа неуморно – повеќе од 9 часа, напиша Стефковски на социјалните мрежи.
Претходно, Стефоковски информираше дека при увидот на лице место, утврдено е дека од страна на непознат сторител била истурена и запалена поголема количина отпад – делови од возила поминати на преса.
При горењето се ширеше неподнослив мирис на изгорена пластика, кабли и други штетни материјали, што директно го загадуваше воздухот.
– Локацијата е тешко пристапна, но токму тоа, заедно со природата на отпадот, јасно укажува на намера – нарачан, свесен, човечки чин со огромни последици. Оваа локација е директен причинител на загадувањето и непријатниот мирис кој ги погоди граѓаните од делови на Гази Баба и Аеродром во изминатите денови, вели градоначалникот на Гази Баба.