На Запад трт Милојко

Од:

Кој фатил запад на времето фатил. И сеа „се фаќа“, ама со преходен протокол кој гарантира некаква социјална безбедност. Се останато следи во приказнава. Сонот на секој втор млад човек е да фати џаде и да бега на запад мислејки дека „татко му го чека таму“.

Сонот за општество во кое секој има шанса е сон на секој еден нормален човек додуша, ама финтава на младите е во резонот дека доста е да одиш таму и ке живееш како на филм. Најглупавата изјава што можеме да ја чуеме е дека „ко чистач ќе работам, ама боље ќе живеам“! Ма немој!

Зелембачко размислување или недоволна информираност на младите за реалните ситуации на запад? Западот апропо синтагмата „трбухом за крухом“ умира, ако веќе не е мртов. Можеби еднинствената ситна надеж е податокот дека тоа е секако еден мега простор во кој сите опции за да се обиде се отворени, ама…

Со умирањето на источниот блок понудата на евтина работна снага во Европа (збориме на црно) роди конкуренција за балканците толку голема што лутрија е ако успееш да се „насадиш“ некаде. А, што и ако се насадиш?!? До кога ке се криеш и ќе бидеш „дивоградба“? Кога велам на црно, тоа сериозно го мислам, затоа што не постои поинаков легален начин.

А, на црно, чисти тоалети, стој зад шанкови, копај канали или некаде на нечија нива бркај јазовци. Работи на црно апсолутно работно правно незаштитен, мешај малтер по градилишта и прави триста скаламуции за да заработиш некое евро. Да не спомнуваме дека во тој џубокс во кој или успеваш (релативна дефиниција) или завршуваш под некој мост како клошар не помислувајќи да се вратиш дома од срам дека не си успеал „у животу“, криминалот ти останува единствен модел на опстанок што од безизлез, што од лакомост за „брза кешарица“!

Секако ова не се однесува на сите, но бројот на гореспоменатите фраери не е мал. Секако дека има и обратно конотативни фаци, ама нив на прсти да ги броиш. Велаат „и ќорава кокошка може да убоде зрно“, ама ако одиш на запад да си играш „ќорави кокошки“ не сери и седи си дома. Умре времето кога западот беше отворен за вредните балкански раце, ама тие раце беа физикуси, а не господа у бели ракавици.

Комплетната инфраструктура (карикирам, де) која е закопана под земја на запад (телекабли, струи-муи), да се живи сите оние кои седумдесетите одлетаа таму за некоја марка да донесат дома. Во песната на Дадо Топиќ (Хеј, Југословени / барај на Јутјуб) најубаво е дефинирана положбата на тие луѓе во стиховите „радници прве класе, а граџани другог реда“.

Нормално, оттогаш минаа генерации и нештата се сменија, ама, само на бетер од аспект на отворена врата за нова река „трбушњаци за крухом“. Кој направи тогаш – направи, кој не… сега само продава онакво за бубрези шетајќи по Скопје со некој БМВ земен за две илјади евра на кој му е потребен ремонт.

Либерализацијата на визниот режим е за апсолутен респект, за пофалба, ова, она… арно ама поентата на еден мој соговорник гастарбајтер (сеа се лутат ако така ги викаш) ја цитирам најавтентично во оваа колумна. Вели, кај на тетка ти ке фаќаш џаде на запад? Кој те чека таму? Знаеш ли дека таму е хаос? Знаеш ли дека и таму е безработица и криза? Знаеш ли дека запад е преполна чаша со такви како тебе „свемогучи фраери“ која веќе е прелеана и западњаците не знаат како да ги ишутираат назад во своите земји?

Средната класа и таму одвај крпи први со први. Стандардот висок, животот скап, а платите се повеќе под стегање на државните каиши! Рецесија. Се појак неонацизам и радикали. Европа пука по шавови одвнатре. Измешани лонци по сите основи. Седи си дома и не мрчи многу!

П.С. Сосема е нормално младите да сонуваат сништа за идеални светови. Човечки е, поготово во исфрустрирана младеж која во својата средина не може да се покаже и докаже, кога нема ни работа ни сабота, сосема е нормално во тешка фрустрација во која не можат да ја менуваат стварноста да се втиснуваат во бег, макар виртуелен, но сосема е нормално и ние постарите да им отвораме очи.

А што и тие сиромашките да отвараат очи заедно со нас, кога пред себе гледаат невработен родител, мајка која меси дома она што останало, и држава во која не се знае ни кој пие ни кој плаќа, ни кој кого онакви, ни кој е на маса ни кој е на каса. Во една колумна пред неколку години напишав нешто што од својата свежина нема ништо изгубено до сега. Беше апострофирана поентата дека на младите во Македонија им е убиена можноста да го планираат животот. Убиен е поимот „планирање живот“. Како тоа ја овде смеам да тресам?!?

Е па, ај некој нека рече (ама не владин ПР) дека не сум во право ако речам дека еден млад дечко кој завршил факултет не може да се жени! Зашто бе? Е, како да се жени, не може да планира зашто нема пари. Нема пари зашто нема работа. А, ако немаш работа, немаш ни можност да земеш кредит, А ако не можеш да се потпреш на социјално-банковно-општествените институции да ти помогнат, оставен си сам на себе. А кој си ти? Дете на стечаец и домакинка, копук! Не си партиски војник, не си ничие дете кое со еден телефон решава проблем, не си у ниеден филм кој ти гарантира некаква безбедност, со еден збор, се чувствуваш како „промашена инвестиција“.

Знаеме ли колку такви млади има во Македонија? „Колко о‘чеш“! Со лопата да ги ринеш! Не Европа, они би отишле у Папуа Нова Гвинеја само да се средат во животот. Арно ама, цел свет е отиден у П.М. Каде е чарето? Чарето е во нашите раце, а секако во соработка со младите. На нас постарите е да градиме што е можно поквалитетно општество и секојдневие, а на младите е да се потрудат да онолку колку што можат учествуваат во тоа. Овој синдром ке трае уште долго. Општество не се менува преку ноќ! Зајакот лежи во сосемаа поинаков џбун! Колку и да сме неможни да менуваме нешта на подобро, наша обврска како градители на квалитетното општество ако ништо друго барем да не го убиваме поимот во младите дека немаат надеж.

Нека видат дека ако ништо друго работиме на тоа и дека оваа земја има надеж за сите оние кои сонуваат сништа за убави општества. Што е тоа убаво општество? Убаво општество е секое општество кое го сакаш! Кон кое негуваш позитивни чувства и му служиш со својот ментум и корпус. Но… дали ние сите постари градиме општество кое исто така ке возвраќа со ‘‘ во служба на народот‘‘? Во служба на надеж? Во служба на сништа за изградени гнезда дома, на своја гранка и свое дрвце? Се надевам да!,.. како велат Србите ‘‘ живи били па видели‘‘. А, тоа што младешкиот пркос и нестрпливост бликаат со бунтовност, па, и тоа е нормално! Затоа се вика младост! Но… контраодговорот на младите е ‘‘ сакам сега и тука‘‘!!! Зошто, велат без убава младост, нема ни добра старост!

Е.. ај сеа… „роди бабо мушко дете“!!! Јаваш малку! Ќе биде! Не знам само дали ги тешам младите или јадам бурек, ама надежта последна умира, нели!

Агим Јонуз [email protected]

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска