Од документи кои пристигнаа до Левица, може да се констатира дека сите надлежни институции на секој начин се обидуваат да избегнат да ја констатираат фактичката состојба со контроверзниот хотел на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Одобрението за дивоградба за овој хотел потекнува уште од 2012 година, кога локалната власт ја контролирал СДС, а централната власт ДПМНЕ под Груевски. Очигледно, познатиот “шофер” од струшкиот затвор најдобро ја обединува корупцијата на овие две криминогени партии, тврдат од Левица.
„Имено, од увид во документи до кои дојде Левица, може да се констатира дека надлежен државен инспектор за животна средина – Игор Трајкоски, по поднесено барање за вонреден инспекциски надзор, истиот неточно ја утврдил фактичката состојба и не постапил согласно своите законски надлежности. Односно, инспекторот при увидот наместо да го побара Решението за одобрување на елаборат (кое го издава Министерството за животна средина), тој од инвеститорот „Дивелоп Груп” (фирма на Мијалков), побарал само елаборат за животна средина, кој го изготвува самиот инвеститор!
Согласно важечките законски прописи, инвеститорот морал да поседува Решение за одобрување на елаборат пред да добие Одобрение за градба, односно уште од 2012 година. Со тоа што инспекторот не констатирал дали постои вакво решение издадено од Министерството за животна средина и само го затворил предметот, тој постапил спротивно на Законот за инспекциски надзор, со што нецелосно ја утврдил фактичката состојба.
Спорно е што и самиот инспектор побарал елаборат за заштита на животна средина, иако законските одредби предвидуваат дека Министерството за животна средина при вакви проекти одлучува дали е потребно да се спроведе постапка за Оцена на влијанието врз животната средина, или пак, доволен е само елаборат за животна средина. Ваквото постапување на надлежниот инспектор не е изолиран случај, туку е правило – во корумпиран систем каде властите брутално ги партизираат институциите кои треба да вршат надзор над спроведувањето на законите.
Наместо рестарт на системот и ветинг на корумпираните инспекциски сужби, пред целата јавност се гради хотел во критично подрачје на заштитено природно и културно наследство. Додека ДПМНЕ се обидува да избегне одговорност за аномалиите на овој систем, сведочиме како пред фирмите на нивниот поранешен висок функционер надлежните се немоќни да констатираат незаконитоски и продолжува штитењето на криминалот и корупцијата кои целосно ги руинираа институциите на системот“, велат од партијата.