Дваесет и една земја од Блискиот Исток и околните региони објавија дека нивни заеднички приоритет е преземањето специјални мерки за спречување на детската парализа, наведувајќи го Пакистан како клучен фактор за проблемот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Во заедничката резолуција државите од источно медитеранскиот регион го повикаа Пакистан да изврши вакцинација на сите деца, со цел да се спречи ширењето на вирусот во другите земји.
Пакистан, исто така, ја прифати резолуцијата, која според СЗО ги вклучува и Авганистан, Бахреин, Џибути, Египет, Иран, Ирак, Јордан, Кувајт, Либан, Либија, Мароко, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Сомалија, Судан, Сирија, Тунис, Обединетите Арапски Емирати и Јемен.
На почетокот на оваа недела претставници на СЗО истакнаа дека постоење на вирусот е потврдено кај 13 од 22 парализирани деца во северна провинција на Сирија.
Здравствената организација смета дека епидемијата во Сирија се должи на вирус кој е пренесен од Пакистан, една од трите држави заедно со Авганистан и Нигерија, каде болеста е ендемична и се проширила низ Блискиот Исток.