Судот од Нанси ослободи само еден од 27 Роми од Хрватска кои беа обвинети дека ги принудувале нивните деца да крадат и питачат, јави дописникот на МИА од Париз.
Обвинението беше тешко за 27-те припадници на еден ист ромски клан од Хрватска, поточно три семејства, кои живееа на истокот од Франција. Тие беа обвинети за организирање во криминална група со цел да се изврши грабеж или намера за грабеж, како и за присилување на нивните деца на возраст од десетина години да вршат серија на кражби.
Дел од обвинетите се товареа и за трговија со луѓе, бидејќи истрагата, што траеше две години, покажала дека постоеле „трансакции“ меѓу семејствата односно „позајмување“ на деца за околу 100.000 евра.
Судењето траеше петнаесет дена и се одржа во екот на полемиката во рамките на француската Влада и воопшто во Франција за волјата на Ромите од Источна Европа да се интегрираат во Франција. Обвинителот побара десет години казна затвор за обвинетите односно максималната казна.
Четири лица добија две години условна казна затвор, 21 лице доби забрана за престој на територијата на регионот Алзас и Лорен, едно лице забрана за престој на целтата територија на Франција, додека четири лица добија по осум години казна затвор. Едно од лицата беше осудено поради трговија со луѓе.
Шефицата на криминалната група, 66-годишна Ромка од Славонски Брод, која беше уапсена веднаш по приемот на Хрватска во ЕУ, ќе биде судена подоцна.
Според проценките на истражните органи, од кражбите и питачењето криминалната група заработила околу три милиони евра.