Во Собранието на Република Македонија беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2013 година на проф. д-р Срѓан Керим, економист и дипломат-во областа на науката и образованието, на проф. м-р Решат Амети, ликовен уметник-во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицистот Драгослав Аргировски-во областа на новинарството и публицистиката.
Наградите им ги врачи проф.д-р Никола Јанкуловски, член на Одборот за доделување на високото признание за оваа година и декан на Медицинскиот факултет во Скопје, кој истакна дека добитниците со својот долгогодишен макотрпен творечки напор упорно чекорат низ патеката на науката и уметноста и се искачуваат на самиот врв на пиедесталот на областите во кои творат.
– За секој научник и творец оваа награда е високо признание за нивниот труд и постигнатите резултати, но истовремено тоа е и дополнителен поттик и мотив за понатамошна работа, додаде Јанкуловски.
По врачувањето на наградата Керим истакна дека таа не е само нешто што го чувствува како лично признание, туку како признание за сите оние што во општеството се посветуваат на образованието и науката бидејќи, како што рече, смета дека образованието и науката се клучни компоненти за развојот на општеството, за подигање на квалитетот на живеење и за обезбедување на идните генерации и нивната егзистенција.
– Во таа смисла тоа е едно од главните орудија што ги имаме со кои располагаме како држава, како општество и треба максимално да ги користиме. Оваа награда е само еден симболичен израз дека тоа е област која заслужува да има приоритет во развојот на нашата држава и општество, посочи Керим.
Ликовниот уметник Решат Амети истакна дека честопати кажал дека Македонија има големи капацитети што се однесуваат на културен план, а посебно на ликовен план.
– Денес ми е чест дека ова признание е признание и за другите уметници. Да бидам искрен, ова е прекрасно чувство. Се надевам дека ликовните уметници имаат верба во тоа што го работат како што јас сум имал верба и ќе имам и понатаму. Ова признание исто така значи дека општеството сепак знае да ги признае вредностите и ги стимулира. Ова за мене е исто така и стимул за понатаму уште со поголеми уметнички сили да ја претставиме државата со ликовни квалитети и со културни вредности, истакна Амети.
Драгослав Аргировски, новинар и публицист истакна дека е среќен и радосен што една таква висока државна награда дошла во новинарски раце.
– Сепак е тоа признание за една 50-годишна активност и афирмација на се она што во Република Македонија било, е и ќе биде. Дури и нашиот Срѓан Керим прекрасно истакна „се може да се направи во државата, ако нема афирмација на тоа, ако не постои информации, ако нема благовремена информација за тоа нема ништо“, рече Аргировски.
Мислам, посочи тој, дека нашата улога, на сите нас новинарите, е многу значајна и ова признание е признание и на сите новинари во Македонија, признание и на моите 250.000 пензионери кои навистина во овој период го разбија прво благодарејќи на моите активности информативниот мрак, а и станаа една од најсилните невладини, неполитички, мултиетнички организации.
– Користам да информирам дека дел од оваа награда ќе ја вложам во реализирање на концерт на групата „Архангел“, додаде Аргировски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на исто ниво се неговите емоции денеска и кога во ОН кога претседавал и првпат ја спомнал Република Македонија, Керим рече „ова е појако затоа што овде е покривот на нашето Собрание, таму е Генералното собрание – тоа го делиме со целиот свет, а ова е наше – не го делиме со никого и според тоа поголема е храброста, поголема и подлабока е емоцијата“.