Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев речиси сигурно ќе победи и ќе освои уште еден петгодишен мандат на денешните претседателски избори во оваа поранешна советска кавкаска република.
Речиси ништо не укажува на тоа дека денеска во Азербејџан ќе се одржат претседателски избори. Предизборните плакати се поставени само на дозволените места, а контролираната национална телевизија мошне ретко го споменува гласањето.
– Резултатот е речиси сигурен. Илхам Алиев би требало убедливо да победи во првиот круг, изјави Алекс Најс, експерт за прашањата на Кавкаскиот регион при лондонскиот Економист индепендент јунит.
Во 2003 година Алиев ја презеде претседателската функција од неговиот татко Гајдар Алиев, поранешен шеф на локалното КГБ и член на советското Политбиро. Во 2009 година тој на референдум ги укина ограничувањата за само два претседателски мандати, откако во 2008 година беше реизбран со 89 проценти од гласовите на изборите, кои западните набљудувачи не ги оценија како слободни и фер.
Според анкетите, на денешните избори Алиев ќе освои околу 80 проценти од гласовите. Педесет и еденгодишниот Алиев речиси и не водеше никаква предизборна кампања, одбивајќи да учествува во телевизиски дебати или да организира предизборни митинзи.
Неговите приврзаници велат дека економските придобивки за земјата говорат доволно за него.
Благодарение на милијардите долари од нафтата, животниот стандард на населението во земјата, која има околу десет илјади жители, изминатите години постојано се зголемуваше, а Азербејџан стана се поважен доставувач на енергенси за Европа.
– Просечната плата се зголеми за десет проценти во периодот меѓу 2003 и 2010 година. Овој прогрес меѓутоа повеќе нема да биде видлив, смета Најс.
Противниците на Алиев, пак ги осудуваат репресиите на неговата власт за време на предизборната кампања, проследена со многу апсења и усвоени закони за задушување на критиките, дури и на Интернет.
Во мај вообичаено поделената азербејџанска опозиција се обедини околу единствениот кандидат – 61-годишниот историчар Џамил Хасанли. Тој собра илјадници приврзаници на митинзите и вети дека доколку биде избран за претседател ќе поднесе оставка две години по изборот и во Азербејџан ќе воведе парламентарен систем.