До 2030 година 40 отсто од населението во светот може да остане без доволно количество на вода за пиење, изјави денеска генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун на средбата на високо ниво во Будимпешта посветена на прашања за водите.
Форумот во унгарскиот главен град е посветен на барањето стабилни конценпции за користењето на овој природен ресурс.
– Оваа 2013 година е прогласена за меѓународна година за соработка во областа на водните ресурси и ние треба да им гарантираме на сите луѓе еднаков пристап до вода – истакна во својот говор Бан.
Тој потенцира дека недостигот на вода ќе биде едно од најголемите предизвици на човештвото во следните децении и за негово решавање треба да работат сите: владите, бизнисмените, цивилното општество и секој човек посебно.
– Над 2,5 милијарди луѓе живеат во ужасни санитарни услови, а околу една милијарда воопшто немаат водовод и канализација, нагласи генералниот секретар на ОН.