Ирското Министерство за здравје претстави план што има за цел до 2025 година да го намали бројот на пушачи од сегашните 22 на помалку од пет отсто.
Тутунските производи, и покрај зголемените рестрикции во продажбата, и натаму ќе бидат достапни на пазарот, иако нивната цена ќе биде значително повисока, пренесува Би-Би-Си.
Една од предвидените мерки се однесува и на забраната за пушење во автомобили во кои се возат деца, а за прекршителите на забраната за пушење се предвидени парични казни што ќе се плаќаат на лице место.
Пушењето е водечка причина за смртноста во Ирска и се проценува дека секоја година болестите предизвикани од пушењето се причина за 5.200 смртни случаи.
Инаку, Ирска во 2004 година стана првата земја која воведе целосна забрана за пушење на работните места, вклучувајќи ги и пабовите и клубовите. Забраната се покажа ефикасна бидејќи кон неа се приддржуваат речиси 97 отсто од установите.
Во прилог на оваа констатација говори и неодамнешната студија според која оваа забрана во изминатите девет години спречила околу 3.726 смртни случаи поврзани со пушењето.