Во акцијата „Македонија без отпад“, општина Гевгелија се вклучи уште во текот на вчерашниот ден кога гимназијалците од „Јосиф Јосифовски“ шестиот час го искористија за чистење на училишниот двор и зелените површини, а основците од „Владо Кантарџиев“ реализираа повеќе едукативни и практични активности за рециклирање на отпадот.
Денеска беше организирано чистење на најзагрозените локации во Гевгелија и околните места. Членови на планинарското друштво „Кожуф“ и фондацијата „Аполонија“ беа вклучени во чистењето на излетиштето „Динќут“, вработените во јавното претпријатие „Комуналец“ ја чистеа депонијата во пограничното село Богородица, а вработените во општинската администрација и другите институции учествуваа во чистењето на Вардарски рид, поточно околината каде што се наоѓа познатиот археолошки локалитет.
Многу граѓани на Гевгелија дадоа придонес во акцијата преку чистење на сопствените дворови и загадените делови од својата околина.