Романската Централна изборна комисија (ЦЕБ) ја отфрли кандидатурата на екстремно десничарскиот политичар Калин Георгеску за повторени претседателски избори, што предизвика судири меѓу неговите поддржувачи и полицијата. Полицијата, според локалните медиуми, употребила и солзавец. Има и повредени, како меѓу полицајците, така и меѓу демонстрантите. Поддржувачите на Калин Георгеску фрлаа камења, петарди и шишиња кон полицијата.
ЦЕБ денеска објави дека Георгеску бил дисквалификуван врз основа на одлуката на Уставниот суд, кој ги запре првичните избори во ноември, откако тој победи во првиот круг. „Неговата кандидатура не ги исполнува условите пропишани со закон, како што ги утврди Уставниот суд во декември 2024 година. Следствено, во продолжувањето на изборниот процес, членовите на БИК сметаат дека е неприфатливо истото лице да се смета за исполнување на условите за преземање на функцијата претседател на Романија“, соопшти комисијата.
Георгеску, кој го критикува НАТО и се противи на поддршката на Романија за Украина против руската инвазија, поднесе кандидатура за повторените избори закажани за 4. мај.
ЦЕБ имаше 48 часа да ја прифати или одбие апликацијата. Георгеску сега има 24 часа да поднесе жалба на одлуката на комисијата, која поттикна стотици негови приврзаници да излезат на улиците, во судир со безбедносните сили пред седиштето на комисијата во центарот на Букурешт.
Демонстрантите запалија мебел и фрлаа тешки предмети кон полицијата, која одговори со солзавец, соопштија безбедносните служби.
„Имам само уште една порака! Ако падне демократијата во Романија, ќе падне целиот демократски свет! Ова е само почеток. Толку е едноставно! Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија! напиша тој во објава на социјалните мрежи.
На Фејсбук се огласи и поранешниот премиер Виктор Понта: „Апсолутно сум против елиминацијата на кандидатите на овој начин. Не гласам за Георгеску, но гледам какви злоупотреби може да се случат со сите. Ако ова е начин да му се расчисти патот на Крин Антонеску, народот ќе им одговори на изборите“.
Првиот круг од претседателските избори беше поништен на 6 декември со одлука на Уставниот суд, откако извештаите на романските разузнавачки служби укажаа дека странски актери манипулирале со социјалните мрежи, особено со ТикТок, во корист на Георгеску, екстремно десничарски проруски кандидат.
Оваа одлука дополнително ги продлабочи политичките поделби во Романија и предизвика меѓународна загриженост за иднината на демократијата во земјата членка на Европската унија и на НАТО.
Георгеску беше релативно непозната политичка личност во Романија до ноември минатата година, кога освои околу 22 отсто од гласовите во првиот круг од претседателските избори. Тој требаше да се соочи со проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони во вториот круг, што се сметаше за еден вид референдум за идната насока на Романија.
Романскиот премиер Марсел Чиолаку, кој ја поддржува одлуката на Уставниот суд за поништување на изборите, рече дека властите имаат право да презентираат цврсти докази во истрагата поврзана со потенцијалниот кандидат на претстојните избори.
Непосредно пред првиот круг од изборите, Георгеску започна агресивна кампања на TikTok повикувајќи на запирање на помошта за Украина, што јасно одекна кај гласачите. Тој, исто така, изрази сомневање за членството на Романија во НАТО. Има посебна приказна околу Георгеску и ТикТок, каде четири дена пред првиот круг на изборите, неговите видео пораки имаа 52 милиони прегледи.
Неговите антизападни пораки редовно се засилуваат од руските државни медиуми и про-Кремљ социјалните медиуми. Во интервју за Би-Би-Си, освен што рече дека ќе ја прекине секаква помош за Украина, тој ги пофали Доналд Трамп и унгарскиот популистички лидер Виктор Орбан, а Владимир Путин го нарече „патриот и лидер“. Тој ги отфрли тврдењата дека е „московски човек“.
Георгеску е силно религиозен и националист и се залага за намалување на зависноста на Романија од увоз, поддршка на земјоделците и зголемување на домашното производство на храна и енергија. Тој исто така тврдеше дека ЕУ и НАТО не ги претставуваат најдобрите интереси на Романија и дека војната во Украина се манипулира од американски воени компании.
Георгеску вети дека ќе стави крај на, како што го нарекува, потчинетоста на Европската унија и НАТО, особено во однос на поддршката за Украина. Тој го осуди балистичкиот ракетен одбранбен штит на НАТО во Девеселу, Романија.
Во 2022 година, тој изјави дека американскиот противракетен одбранбен штит лоциран во романското село Девеселу е дел од политика на конфликт, а не мирна мерка. Истото го тврди и рускиот претседател Владимир Путин. Георгеску тогаш рече дека не ужива поддршка од Русија, но се чувствува близок со нејзината култура. Тој го опиша Путин како „човек кој ја сака својата земја“.
Георгеску, исто така, рече дека и се восхитува на Унгарија бидејќи таа знае како да преговара на меѓународно ниво.
Георгеску привлече жестоки критики за неговите претходни коментари за поддршка на романското фашистичко движење од 20-тиот век, но ги отфрли обвинувањата дека е антисемитист. Во текот на изминатата деценија, неколку пати се шпекулираше дека е потенцијален премиер на различни партии. Тој е универзитетски професор и меѓународен консултант за одржлив развој, кој работи за различни организации на Обединетите нации повеќе од една деценија.