Невладините организации Уметност на живеење Македонија, Здружение за развој на вредностите на обединетите нации СУНА – Скопје и Арт Лајф – Скопје ги повикуваат возрасните лица и новинарите да го прогласат октомври за месец на ненасилство во Република Македонија и за месец на помалку гледање и презентирање негативни содржини во медиумите.
– Во Македонија и во светот генерално се забележува отсуство на позитивен вредносен систем. Родителите се почесто поголемиот дел од времето го минуваат надвор од дома во потрага на егзистенција. Другите се борат да го зачуваат ствоето работно место или да добијат подобро. Правилата на игра најчесто се нечесни. Возрасните секојдневно се соочуваат со голем стрес, лоша комуникација и конфликти. Овој стрес родителите го носат дома и го пренесуваат на своите деца. Децата бидејќи се под влијание на лошиот контакт со родителите, се препуштаат на цртани, видео игри и интерент кои се полни со погрешни предности, филмови полни со насилство, лошата ТВ програма и лесен пристап кон порнографски содржини, стои во повикот на невладините организации.
Тие оценуваат дека денес децата растат во гневни млади личности без изграден интегритет, без сознание за морален вредносен систем што резултира со зголемување на јазот меѓу нив и родителите, на насилството во семејството и општеството.
– Општеството добива се повеќе млади дезорентирани неморални луѓе. Пример за тоа се секојдневните натписи во дневните весници за насилство на децата врз децата, родители врз деца или деца врз родители, посочува невладиниот сектор чија порака е дека со учење, читање книги, разговарање, дружење, вежбање…, се создаваат здрави млади луѓе кои можат да го водат светот кон иднината.