Над 200 учесници од десетина земји, 12 креативни работилници, 36 комерцијални изложби и шест концерти на регионални бендови во вечерните термини ќе понуди третото издание на Неделата на дизајн во Скопје (Skopje Design Week), која ќе се одржува од денеска до 6 октомври во Куршумли ан.
Манифестацијата ќе биде отворена вечер во 20 часот, а од утре до затворањето в недела ќе има содржини преку цел ден почнувајќи од 10 часот со слободен влез за посетителите.
Ќе има работилници за креативни претпријатија, за експериментален дизајн на продукти, дизајн на звук, за музички театар, дизајн во комуникацијата, работилница за поетичен дизајн, детски работилници за рециклирање и игра, работилница за гастрономија на која ќе се создаваат и претставуваат специјалитети… Меѓу изложбите ќе биде и таа за презентација на прототипови на современ македонски мебел изработени од 13 млади дизајнери. Оваа изложба во 2014 ќе патува на регионални фестивали за дизајн.
Ќе се претстават дизајнери од Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Шведска, Норвешка, Велика Британија и Швајцарија, која е земја во фокусот на годинашната скопска недела на дизајнот.
Во пресрет на манифестацијата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција истакна дека Неделата на дизајн е платформа неопходна за долгорочен, стабилен и прогресивен развој на оваа сфера, дека со овој амбициозен проект се консолидирал креативниот сектор кај нас и, како што рече, голем број индивидуалци или групи на дизајнери веќе храбро почнаа да се позиционираат на пазарот. Токму на оваа манифестација својот креативен производ ќе го промовираат и неколку апликанти на првиот конкурс на Министерството за култура за креативни индустрии.
– Скопската недела на дизајнот е за нас особено значајна манифестација поради нејзината обединувачка димензија на сите чинители во секторот дизајн. Преку богатата програма и бројните работилници кои ги раководат етаблирани предавачи и ментори, младите македонски креативци секоја година добиваат извонредна можност да создаваат производи кои понатаму се претставуваат и на изложбите кои се дел од манифестацијата. Во оваа смисла Неделата на дизајнот е скапоцена инвестиција во создавањето автентичен македонски дизајнерски производ, конкурентен на светските пазари, истакна Канческа-Милевска.
За директорот на „Skopje Design Week“ Александар Велиновски настанот има три главни цели – да се подигне креативноста во Македонија со вклученост на повеќе лица и компании, да се развие производството и новите пазарни вредности и Македонија да се афирмира како нова дестинација за дизајн.
Програмскиот директор на манифестацијата Марта Наумовска, пак, додаде дека работилниците се алатки кои ќе им помогнат на претпријатијата како да ги разберат купувачите на новото време, односно, да знаат зошто се прави некој производ и за кого. Иднината на успешните претпријатија, рече Наумовска, е во издржаната приказна која само ако е искрена може да се продаде.