Воведувањето забрана за пушење цигари во затворени простории повторно е најчестото барање на граѓаните на социјалните мрежи, посебно во рестораните каде што се служи храна.
Десетина дена траат предновогодишните забави, најчесто организирани од компании. Чадот од цигари буквално ги замагли сите кафулиња и ресторани во кои се слави, па оние кои не пушат немаат избор.
Поддршка на барањата напиша и пејачката Елена Ристеска која посочи дека има и алергија на никотин.
„Имам алергија на никотин и заради тоа и не излегувам никаде. Ама морам да пеам во зачадени простории, без лекови за алергија не би можела. Во случај да не се пуши во објекти, пушачите можат да излезат на цигара никој не им забранува“, напиша таа.
Одењето во ресторан стана неподносливо и дел од непушачите тешко наоѓаат ресторан во главниот град во кој има простор за непушачи.
– Сакам да излезам на ручек, но секаде се пуши. Проблемот е посебно нагласен зимава, кога се пуши насекаде, па изборот е или да се остане дома или да се дише штетниот чад од цигарите. За среќа најдовме ресторан во населбата Аеродром кој е поделен на две оддели простории во кои нема мешање и едната од нив е наменета за непушачи, истакна Иван Наунов од Скопје за „Бизнис365“.