Негувателка во градинка во Велес им дала на децата да пробаат електронски цигари: Суспендирана е од работа

Од:

Родители на неколку деца од градинката „Димче Мирчев“ од Велес тврдат дека негувателка во клонот Дворови им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара, а децата пробале од љубопитност.

Настанот се случил на 29 септември кога негувателката останала сама со групата деца во занимална и наводно им понудила да пробаат електронска цигара.

Директорката на градинката „Димче Мирчев“, Маја Велиновска за „А1он“ откри дека во моментов негувателката е суспендирана и се води дисциплинска постапка.

– Негувателката е суспендирана од работа и е покрената дисциплинска постапка. Се земаа изјави од родителите и децата. Според нивните искази, настанот е од 29 септември. Се случувало во занимална и децата велат дека пробале електронска цигара која им ја давала негувателката. Но, за сето требаше да се приберат докази и писмени изјави. Јас како директор преземав мерки според надлежностите и веднаш е отворена дисциплинска постапка кон неа и сите работи се во процедура да се расчисти случајот и тоа да се санкционира соодветно – истакна Велиновска за „А1он“.

Евентуална казнена мерка се носи отпосле, откако ќе се утврди што точно се случувало во занималната, а директорката истакна дека вработената направила поголем пропуст.

– Сметам дека сериозноста во една детска установа е голема и сметам дека треба да се повлече поголема одговорност за ова. Факт е дека нешто се случило и дека вработениот направил поголем пропуст, тоа е неминовно. Основна работа на згрижувачите во градинката е грижа за здравјето и безбедноста на сите деца, другото е споредна работа. А доколку ова се докаже дека е така, ова е сериозен прекршок кој не треба да помине така – рече директорката на градинката за „А1он“.

Освен што се собрани изјави од родителите и децата, одржан е и родителски состанок на кој е објасно што ќе преземе градинката преку дисциплинската постапка која е во тек.

Случајот го осуди и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев кој нема ингеренции во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ откако министерката Јована Тренчевска му ги одзеде за наводно попречување на работата на градинките во Велес.

„Општина Велес и јас како градоначалник се оградуваме и најостро го осудуваме немилиот настан кој се случи во ОЈУДГ “Димче Мирчев” во Велес. Оваа јавна установа треба да биде пример за згрижување и воспитување на децата, со високи критериуми за вработување и однесување на персоналот кој е во директен контакт со децата. Наместо тоа во изминатиот период сме сведоци на повеќе скандали и владеење на безредие во градинката, каде што наместо конкретни чекори за отстранување на проблемите највисокото раководство носи одлуки со кои само ќе го прикрие направеното.

Така и во овој случај, наместо целосно повлекување на воспитувачката од контакт со децата се до покренување на постапка и разрешување на случајот, таа е само преместена во друг клон на истата градинка, каде повторно има директно влијание врз згрижените деца.
ОЈУДГ “Димче Мирчев” е под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика, откако министерката Јована Тренчевска ги одзема од мене како градоначалник и од Советот на Општина Велес под изговор дека го спречуваме нормалното функционирање на установата, но наместо подобрување на работењето сведоци сме токму на спротивното.
Ги повикувам надлежните органи да покренат соодветни постапки за преземање на одговорност како од воспитувачката, така и од највисокото раководство на установата со цел зачувување на здравјето и безбедноста на децата!“, објави Колев.

Осуда за настанот стигна и од партијата Левица која побара од директорката Велиновска јавно да го обелодени овој случај, да постапи според правилникот за заштита на детските права и да издаде најстрога казна за негувателката со давање на отказно решение.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава за директорка на градинка во Велес, конкурирала со лажен сертификат

Татко ги терал децата да питачат, а парите ги трошел во казино – доби пријава

Анита Петровска Рајковиќ

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

Орце Костов

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Голема полициска акција во Велес, затекнати дилери на дрога

А1он

Ваучери од 50 евра за наставничките, за родителите срамно е децата да им носат цвеќе

Орце Костов