Италијанскиот фудбалски стручњак Клаудио Раниери денеска беше назначен за нов тренер на Рома и на оваа функција ќе биде до крајот на сезоната.
„Задоволство ни е да објавиме дека Клаудио Раниери е нов тренер на првиот тим на Рома. По крајот на сезоната, Раниери ќе премине во директорска улога, каде што ќе ги советува сопствениците на клубот за спортски прашања. Потрагата по иден тренер ќе продолжи и во наредните месеци, во таа одлука удел ќе има и Клаудио“, пишува на сајтот на Рома.
Раниери ќе стане трет тренер на Рома оваа сезона, по Даниел Де Роси и хрватскиот стручњак Иван Јуриќ.
Раниери претходно двапати беше тренер на Рома, прво од 2009 до 2011 година, а потоа повторно во 2019 година.
Во својата кариера тренираше уште 18 екипи, меѓу кои Јувентус, Интер, Атлетико Мадрид, Челзи и Лестер, со кои ја освои Премиер лигата во 2016 година.