Украина има апсолутно право да пука во цели во Русија од каде што беше нападната, врз основа на меѓународното право кое го гарантира правото на самоодбрана, изјави денеска шефот на делегацијата на НАТО во Киев, Патрик Тарнер, наведувајќи дека Киев веќе го користи тоа право.
Тарнер во интервју за Укринформ рече дека раководството на НАТО го признава правото на Украина да напаѓа со оружје со долг дострел, како што наведе, „легитимни цели“ на територијата на Руската Федерација, но дека останува на секоја земја членка на Алијансата да дозволи употреба на оружје доставено до Украина во тие цели.
„Најпрво, според меѓународното право, Украина има апсолутно право, во рамките на правото на самоодбрана, загарантирано со Повелбата на ОН, да напаѓа воени цели надвор од нејзините граници од кои напаѓа Руската Федерација“, рече Тарнер.
Според неговите зборови, земјите од НАТО и дале воена помош на Украина во износ од 40 милијарди евра оваа година, наведувајќи дека членките на Алијансата речиси секоја недела носат нови одлуки за снабдување на украинската армија со различни вооружени системи и муниција.
Украина во моментов користи домашно оружје, главно беспилотни летала, за да напаѓа цели длабоко во руската територија, кои, според украинската агенција, погодиле важни цели во различни региони на Руската Федерација, особено складишта за муниција и ракети и воени аеродроми.