Американскиот претседател Џо Бајден утринава изјави дека не верува дека ќе има „сеопфатна војна“ на Блискиот Исток, регион со израелски напади во Газа и Либан и ескалација на тензиите од страна на Израел со Иран, и дека таква војната може да се избегне, но треба да се направи повеќе за да се обезбеди тоа.
На прашањето од новинарите колку е уверен дека таква војна може да се избегне, Бајден застана и одговори: „Колку сте сигурни дека нема да врне? Видете, не верувам дека ќе има сеопфатна војна. Мислам можеме да го избегнеме тоа, но имаме уште многу да направиме“.
Тој одговори и дали ќе испрати американски сили да му помогнат на Израел: „Веќе му помогнавме на Израел. Ќе го заштитиме Израел“.
Тензиите меѓу Иран и Израел ескалираа додека Израел ги разгледуваше опциите како да одговори на нападот со балистички ракети на Техеран врз Израел во вторникот. Иран го изврши нападот како одговор на воената акција на Израел во Либан, односно како одмазда за смртта на шефот на Хезболах Хасан Насрала.
Последното крвопролевање во деценискиот израелско-палестински конфликт беше предизвикано од нападот на палестинските милитанти Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе, а земени околу 250 заложници. Според Министерството за здравство на Газа, во израелскиот напад врз Газа, управувана од Хамас, загинаа повеќе од 41.000 Палестинци.
Речиси целото население на Газа беше раселено, а нападот предизвика криза со глад и доведе до обвинувања за геноцид, што Израел ги негира.
Во неодамнешната воена акција на Израел во Либан загинаа стотици, ранети илјадници и раселени милион луѓе. Израел вели дека цели на либански милитанти на Хезболах поддржани од Иран.