Елена Павловска
Влијание од извршната власт, неефикасни судски постапки и оддолжувани судења, заостанати случаи и потреба од поголем професионализам кај судиите и обвинителите, предолги судски процеси, случаи кои никако да доживеат разрешница, пресуди што се поништуваат од повисоките судови – ова се само дел од аномалиите во македонското судство, што постојано се споменуваат во сите извештаи, анализи…
Бев запознаена со овие проблеми и претходно, имав наслушнато за нив или прочитано во некоја статија низ медиумските портали, но вистински не го сфатив и разбрав хаосот на лавиринтот, наречен македонското судство, додека самата не бев вовлечена во него.
Грабеж за 3 секунди, апсење за 30 минути, судење 3 години
Стануваше збор за обичен ситен грабеж. Имено, додека шетавме со мојата пријателка тројца 20-годишници, движејќи се зад нас се стрчаа и од раката и‘ ја грабнаа чантата и отрчаа. Толку. Сето тоа траеше 2-3 минути.
Ни самите тие не ќарија многу, според нејзините зборови, во чантата имало само мобилен телефон и 300 денари. Само 300 денари. Толку. По 100 денари на секој крадец. Не и’ беше толку мака за украденото, отколку за изгубената лична карта, за чие повторно издавање мора да поминеш своевидна одисеја- од докажување дека е украдена, преку објавување во службен весник итн. итн.
Да се навратам на приказната. Крадците беа уапсени 30 минути по нашето пријавување во полиција. 30 минути. Толку. Имено, неколку полицајци, кои се најдоа во полициската станица, се сетија дека виделе тројца момчиња, кои одговараат на нашиот опис на крадците, како трчаат во близина на местото на грабежот, неколку минути откако тој се случил. А бидејќи истите тие од порано биле „другарчиња“ со полицијата, можеа дури и да ги именуваат со име и презиме.
Како и да е, тие момчиња, бидејќи не се офајдиле многу со парите на мојата пријателка, веднаш се вратиле на истата улица каде неа ја ограбија, за да „допечалат“. Таму беа и’ приведени, при што кај нив пронајдоа фантомки за маскирање, шипки за провалување во автомобили и уште неколку придружни елементи, и да, ќе заборавев да споменам- 300 денари.
Тие, се разбира, негираа дека нешто сториле иако ние ги препознавме.
Крвичната пријава против нив не беше поднесена од страна на мојата пријателка, туку од страна на СВР Куманово, при што присуството на мојата пријателка- како оштетена и моето присуство- како сведок, беше задолжително на судскиот процес, кој еве веќе 3-та година како трае.
Судските процеси – ни налик како во филмовите
Кога ја добив првата покана за појавување на судското рочиште, не се ни двоумев да отидам. Како прво, во поканата јасно стоеше дека ако не се појавам може да ми следува казна (во чие наплатување вооошто не се сомневам) и како второ сметав дека тоа е моја должност како граѓанин.
Ако сметавте дека судските рочишта барем малку личат како во фимовите- судија, обвинител, бранител, сведоци, обвинети, оштетени, со еден збор место каде што правдата се спроведува- правите голема грешка.
Влеговме со мојата пријателка во судицата, која беше наведена во нашата покана, а таа беше празна. Ма, каков судија, какви адвокати- целосно празна. Се врткавме пред неа скоро цел час и ништо. Никој не се доближи до неа. Никој не нé праша што правиме ние пред судницата. Никој.
Дури по целочасовно чекање, еден од адвокатите, кои чекаа за некое друго судско рочиште, нé упати да одиме до собата на судиката која е наведена во поканата.
Се растрчавме низ ходниците на судот во Куманово и конечно ја најдовме собата на чија врата стоеше името на судиката. Тропнавме.
– Се извинуваме, добивме покана да се појавиме во судницата број 3 во 11.00 часот, сега е 12.15 а никој не се појави таму- рековме учтливо.
– Нели гледате дека сум зафатена, почекајте надвор- добивме прекор од една жена со руса коса која седеше зад една голема маса затрупана со докумети, додека пиеше кафе со друга црвенокоса жена, која седеше спроти неа.
И чекавме, уште половина час. Кога конечно дојдовме на ред, нé информираа дека рочиштето нема да се одржи. На прашањето „Зошто?“, се оправдаа: „Ние не сме виновни, од затворот „Идризово“ не ги спроведуваат обвинетите, немаат доволно комбиња или не знам што, а двајца од тројцата обвинети се веќе во затвор поради некое друго кривично дело“.
Го закажа следното „прво“ рочиште за 2 месеца и ни ја покажа вратата.
Никако до „првото“ рочиште
Истиве сцени се повторуваа следниве 3 години и тоа на секои 2 месеца, секогаш со различен изговор.
Кога по 3-ти пат ги слушнавме обвинувањата на сметка на „Идризово“ ја запрашав судската службеничка „Добро, нели сте вие во контакт со службените лица во тој затвор? Нели е возможно првин да ги прашате кога планираат да ги донесат обвинетите пред да го закажете рочиштето? Вака само ни го одземате времето. И ние имаме животи и обврски и работа. Не можам јас секој втор месец да барам од колешката да ме менува на работното место, за да дојдам тука, да ја бакнам вратата и да се вратам.“
Добив само прекорувачки поглед и објаснување „Вие не знаете како работите функционираат тука!“.
Следниот пат судиката беше болна, потоа беше на пат, па на крајот беше унапредена и случајот и’ беше одземен за да се додели на некој друг судија. Се разбира никој претходно нас за тоа не се ни помачи да нé информира или да ни каже да не доаѓаме залудно. Напротив, дремевме пред нејзината соба, сé додека некој од службениците не се сожалеше и ни кажеше да си одиме дома.
„Можеме ли да се откажеме од случајот. Еве јас сум оштетената, не сакам ништо, не сакам тие кривично да се гонат, не сакам ништо, само да не мора повторно да доаѓам тука“- прашуваше мојата пријателка.
Секогаш добиваше негативен одговор, бидејќи тужбата не е покрената во нејзино име, туку во име на СВР Куманово. Три години поминаа, а ние никако да дојдеме до тоа „прво“ рочиште, никако да го започнеме процесот.
Продолжувa следната недела на тема: Очи в очи со крадецот
Авторoката е аналитичарка во магазинот револуција