Претседателот Ѓорге Иванов на припадниците на бошњачката етничка заедница во Македонија им го честита Меѓународниот ден на Бошњаците-28 Септември, посакувајќи им добро здравје, просперитет и благосостојба.
– Република Македонија, како свој врвен приоритет го има поставено негувањето и почитувањето на различностите и претставува пример за највисоки стандарди во заштитата на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите нејзини граѓани. Без присуството на граѓаните од бошњачка националност нашата земја ќе беше посиромашна за една специфична традиција и светоглед, која значајно ја збогатува нејзината мултикултурност, се вели во честитката од претседателот Иванов.
Бошњачката заедница, како што истакнува претседателот Иванов, заедно со другите заедници искрено го дава својот придонес во сите сфери на општествениот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на демократска и економски развиена Република Македонија.
– Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани, нагласува Иванов во честитката.