Михаил Кирков од компанијата „Мај принт“ е новиот претседател на Трговската комора при Сојузот на стопански комори (ССК), одлучија членовите на редовното годишно Собрание.
Кирков досега беше заменик претседател на Комората, а на новата функција доаѓа на местото на Зоран Неделковски. „Мај принт“ е членка на ССК од основањето на Комората.
– Како повеќегодишен член на Комората, свесен сум за големата одговорност и поддршка која ми ја дадоа колегите. Се надевам дека успешно и со засилено темпо ќе ја продолжам работата. Продолжуваме со работните состаноци со државните институции, нашите управни одбори, како и вмрежување на сегашните, но и на новите членки кои сакаат да станат дел од Трговската комора, вели Кирков.
Трговската комора е една од најактивните во ССК, функционира од 2004 година и брои над 180 реномирани компании членки од повеќе дејности. Им овозможува застапување, усогласување и заштита на заедничките интереси пред државните органи, подобрување на резултатите на работењето, обезбедување стручна помош, како и други деловни услуги.
Сите членки имаат можност еднакво да ги излагаат своите специфични интереси, во Комората, во однос на државата и во странство.
Во рамки на Трговската комора се основани три групации, на импортери на моторни возила, на импортери на мотоцикли и на импортери на товарни моторни возила.