Украина го повика Иран да не ја снабдува Русија со балистички ракети под никакви околности, откако се појавија меѓународни извештаи дека Москва прима пратки со напредно оружје. Потврдувањето на таквите извештаи би имало сериозни последици за билатералните односи меѓу Киев и Техеран, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
Се наведува дека продлабочувањето на соработката меѓу Иран и Русија ја загрозува безбедноста не само на Украина, туку и на Европа, на Блискиот Исток и на остатокот од светот. Киев долго го обвинува Техеран дека ја поддржува руската војна – особено преку испорака на беспилотни летала или нацрти за нивна изработка.
Меѓународната заедница мора да го зголеми притисокот врз Иран и Русија за заштита на меѓународниот мир и безбедност, се вели во соопштението за печат на Министерството за надворешни работи во Киев. Во меѓувреме, Иран го демантираше извештајот на Волстрит журнал дека и испорачувал балистички ракети на Русија.
„Иран смета дека испораката на воена помош на завојуваните страни е нехумана и затоа нема да преземе никакви чекори во овој поглед“, објави мисијата на Техеран во Обединетите нации во Њујорк.