ЛДП реагира со податоци за изјавата на премиерот Груевски, за успешната земјоделска политика и позитивни резултати од субвенциите и другите мерки во земјоделството.
Според податоците на Народната банка на Македонија, извозот на земјоделски производи во првиот квартал на 2012 година е помал за повеќе од 10 милиони евра во однос на 2011 година.
Во овој период во 2011 година бил реализиран извоз за 32,4 милиони евра, а во истиот квартал 2012 година се реализирани само 22,2 милиони евра од извоз на земјоделски производи. Земјоделскиот пазарен информативен систем. соопштува дека откупните цени на земјоделските производи годинава се за 40% пониски во однос на минатата година, посочуваат од ЛДП.
Во Македонија, според податоците од Државниот завод за статистика постојано се зголемува увозот на храна.
„Со непланската распределба на субвенциите се форсира евтин откуп и извоз на земјоделски производи со што Македонија се претвара во евтина суровинска база.Овие податоци не само што, во целост, го демантираат премиерот Никола Груевски, туку, јасно говорат за загрижувачката, катастрофална состојба во која се наоѓа земјоделието во Р. Македонија“, стои во соопштението на ЛДП.